СВР Охрид во координација со Центарот за јавно здравје презема мерки и активности за расчистување на случајот со градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, кој добил позитивен наод на тест за Ковид-19 на испитувањето направено по завршувањето на богојавленските свечености во Охрид на кои лично присуствуваше, соопштија за МИА од Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека по расчистувањето на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Пецаков вели дека не се изолирал по тестирањето за Ковид – 19 и на Водици излегол да ја следи манифестацијата оти побарал тест заради патување, не поради тоа што се чувствува лошо. Тој потврдил дека добил позитивен тест, но следниот ден го повторил тестот и добил негативен резултат.
На својот Фејсбук профил, Пецаков го објави сертификат на кој се гледа дека резултатот од тестирањето направено на 21 јануари е негативен, но претходно Пецаков никаде нема објавено дека првиот ПЦР тест што го направил покажал дека е позитивен.
Од друга страна, директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Бухова, за неколку медиуми изјави дека Пецаков морал да се изолира додека го чекал тестот.