Франциско Бринес
Во оваа чаша џин ги пијам
доцните минути на ноќта,
сушата на музиката и киселата
желба за месо. Кадешто мразот е отсутен, постои само кристален
алкохол и страв од самотија.
Вечерва нема да има платено
друштво, ниту очигледни гестови
топлина во врелата желба. Далеку
е мојата куќа денес, ќе дојдам до неа
во пустинската светлина на зората,
ќе си го разголам телото, во сенките
ќе морам да легнам со неплодното време.
Се враќа среќната доба. И нема ништо
освен светлината што паѓа во градот
пред да замине квечерината,
тишината во домот и јас, без минато
без иднина.
Моето месо, што живеело во времето
и се спознава во пепелта, не е уште догорено
до консумирањето на сопствената пепел,
и мирен сум со сè што заборавам
и благодарен што заборавам.
Мирен сум, имено, и со сè што љубев
и сè заборавено што сакам .
Среќната доба се врати.
Нека пристигне, барем,
на осветленото пристаниште на ноќта.
Франциско Бринес (1932-2021) е шпански поет и професор. Добитник е на наградата “Сервантес” во 2020 година.
Слободен препев од шпански јазик: Тања Кармзова Костиглиола