Наташа Сарџоска
се кршат копјата на тишината
влеани падини со жестокаплот
заминуваме одјавени
од безначајни хотели
неопределени и празни
пораки втонати во искон пустински
шумолиме опустошени од копнеж
разулавени од бол и бес
планински сртови
срчи стакло
боси по нив чекориме
се бодеме со бодра сила
оддалечени сигнали
оттуѓени од жариштето
на шумите диви
на сите случувања
на сиот овој свет:
им го враќам клучот на рецепција
кога го голтам
сето неиз’ртено
неспогодено
неодложно
твоето семе.
Наташа Сарџоска (1979) е поет, писател, есеист, антрополог, преведувач и перформер. Има објавено пет збирки поезија, а нејзиниот прв роман “Трамонтана” излезе од печат минатата година.
избор: Тања Кармзова Костиглиола