„Северна Македонија и Обединетото Кралство имаат исклучително интензивна соработка во одбраната и наша намера е таа да продолжи да се развива. Заедно постигнавме многу, но ќе продолжиме да бидеме амбициозни и да наоѓаме начини за уште поголем број на заеднички активности, вежби, обуки, школувања и убедена сум дека тоа ќе го постигнеме зашто постои искрена волја за соработка и поддршка од двете страни“, рече Петровска, информираат од Министерствотот за одбрана.
Амбасадорката Галовеј рече дека Обединетото Кралство силно ја поддржуваше Северна Македонија на патот кон НАТО, а по зачленувањето во Алијансата, соработката меѓу двете земји во повеќе области, а особено во областа на одбраната, се продлабочи.
Таа соработка во иднина нема да загуби од своето темпо, порача Галовеј.
Петровска и Галовеј разговараа и за ситуацијата во и околу Украина. Тие го поздравија единството на сојузниците во НАТО во овој контекст, како и напорите за изнаоѓање на дипломатско решение на комплексната ситуација.
Како што соопшти Министерството за одбрана, Северна Македонија и Обединетото Кралство соработуваат во областа на обуките и во таа насока е воспоставената Координативна ќелија составена од британски офицери со кои соработуваме во развојот на полигонот „Криволак“ како корисен национален и НАТО капацитет. Британски војници ќе бидат дел и од вежбата „Swift Response 22“, која е и најголемата воена вежба која годинава ќе се одржи на армискиот полигон „Криволак“.
Обединетото Кралство ја помага и поддржува и трансформацијата на Армијата согласно стандардите на Алијансата и тоа преку британскиот советник, бригадниот генерал Џон Баурон стациониран во Министерството за одбрана, пишува во соопштението.