Во наредниот период, за време на претседавањето на Франција со ЕУ едно од клучните очекувања е засилениот ангажман на Европската комисија да помогне во деблокирање на процесот за проширување со Северна Македонија и Албанија. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски за време на средбата денеска во Брисел со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.
Ковачевски ја информирал Фон дер Лајен за резултатите од интензивната агенда на дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија, посочувајќи дека на двете официјални работни средби и во Скопје и во Софија, се постигна договор за унапредување на билатералната соработка преку создавање на пет работни групи.
Тој истакнал дека од нивната работа се очекуваат конкретни резултати кои ќе бидат преточени во патоказ кој ќе го забрза процесот за одржување на првата Меѓувладина седница на Северна Македонија со ЕУ за отворање на поглавјата за членство во Унијата.
Од исклучителна важност во тој процес е вклучувањето на Европската комисија и Француското Претседателството со ЕУ за да се овозможи решенијата да бидат во согласност со европските стандарди и вредности, стои во соопштението.
Двајцата соговорници на средбата се согласија дека од голема важност е што поскоро да започне преговарачкиот процес за Северна Македонија за да се одржи динамиката на реформите. Претседателката на ЕК со објава на Твитер му посака добредојде на премиерот Ковачевски.
?? Glad to meet Prime Minister Kovachevski and congratulate him in person on his appointment. ⁰
Welcome to Brussels!I encourage North Macedonia to continue delivering on reforms and to keep up the positive momentum with Bulgaria, on its accession path to the EU. pic.twitter.com/tVhC9xsukv
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) February 4, 2022
– Ја охрабрувам Северна Македонија да продолжи со испорачување на реформите и да го одржи позитивниот моментум со Бугарија, на нејзиниот пат кон ЕУ, напиша Фон дер Лајен.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
На средбата стана збор и за ефектуирањето на финансиската поддршка од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан за проектите за железницата со Бугарија, за пречистителна станица за отпадни води во Скопје, за парк за ветерна енергија и за соларна централа, како и за интерконекторот за гасно поврзување на Северна Македонија со Србија.






