Изградбата на третата зграда за сместување социјално загрозени семејства во Кочани е во напредна фаза и до крајот на оваа година објектот целосно ќе биде завршен, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при денешниот увид во текот на градежните работи.
На средбата со претставниците од АД за стопанисување со станбен и деловен простор, кое е носител на изградбата на објектот, беше заклучено дека за една година становите ќе можат да се користат.
-На почетокот на 2023 година ќе влеземе во постапка за распределба на 34 социјални станови во оваа зграда за граѓаните од Кочани кои ќе имаат потреба од обезбедување пристојни услови за живеење. Целата инвестиција чини околу еден милион евра и задоволен сум што изградбата се одвива со добра динамика и се запазуваат роковите што им се дадени на изведувачите, истакна министерот Бочварски.
Социјалните станбени згради во Виница, Свети Николе, Гостивар и Пробиштип се веќе завршени и во тек е постапка за избор на стручна комисија од министерствата за транспорт и врски и за труд и социјална политика. Таа ќе биде избрана идната недела, а веднаш потоа ќе објави оглас за пријавувањена кандидати за вселување во станбените единици.