Министерката за одбрана Славјанка Петровска се сретна со амбасадорот на Кралството Шпанија во нашата земја, Хосе Луис Лозано Гарсиа.
На средбата, министерката Петровска и амбасадорот Гарсиа ги потврдија одличните билатерални одбранбени односи помеѓу двете земји и истакнаа дека постои простор и подготвеност од двете страни оваа соработка да се продлабочи и интензивира. Во контекст на НАТО, министерката порача дека земјата останува посветена на сојузништвото и дека со нетрпение го очекува следниот лидерски самит на НАТО кој годинава ќе се одржи во Мадрид.
Амбасадорот Гарсиа изрази задоволство што Шпанија даде свој придонес во процесот на зачленување на Северна Македонија во НАТО, ратификувајќи го членството и покрај предизвиците со кои се соочуваше на почетокот на пандемијата и изрази честитки за брзината на воената интеграција на нашата земја во НАТО, имајќи предвид дека овој комплексен процес нашата земја го заврши во рекордно време, односно за само 19 месеци.
Двете земји соработката ја базираат на Меморандумот за соработка од 2009 година, согласно кој офицери на Армијата посетуваа јазична обука, а еден офицер беше упатен на високо воено школување на воениот колеџ во Мадрид./МИА/.