Универзална сала стои разурната, со соголена фасада и не се одвиваат никакви градежни работи за реконструција на објектот. Зошто е стопирана изградбата на концетната сала, градоначалничката Данела Арсовска не кажува, објави Сакам Да Кажам.
Лани во септември, Град Скопје почна со градежни работи за уривањето на старата конструкција на Универзална сала. Во предниот дел од објектот беше поставена и новата конструкција и таму се изврши целосно уривањето на старите делови. Тогаш од Град Скопје рекоа дека во октомври целиот објект ќе добие нова конструкција. Но, по локалните избори и промената на градоначалничката фунцкија градежните работи се прекинати и објектот стои соголен.
Градоначалничката Арсовска во декември на брифинг со новинарите кажа дека фасадата и куполата ќе се завршат до пролет, а за внатрешноста во моментов нема пари бидејќи од Владата се префрлени средства само за надворешноста, а немало ниту проектна документација.
Изведбата на фасадата и покривот чинат 1,8 милиони евра, кои беа обезбедени од Владата. Градежните работи ги изведува фирмата „Универзал Балкан“.
Универзална сала е затворена 7 години, односно од 10 март 2015, кога на партиската трибина лидерот на СДСМ Зоран Заев ја пушти бомбата број 8 за изборни измами.
Извор: Сакам Да Кажам