Министерката Петровска учествуваше на состанокот на министрите за одбрана во рамките на Северноатлантскиот совет на НАТО во седиштето на Алијансата во Брисел. Состанокот се одвиваше во два работни дена. Главни теми за дискусија беа ситуацијата во и околу Украина, како и подготовката за Самитот на Алијансата кој ќе се одржи во Мадрид во јуни оваа година, информираат од Министерството за одбрана.
Во рамките на состаноците, министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО го потврдија со заедничка изјава единството во заштитата на безбедноста на земјите-членки и колективната одбрана, ја потврдија силната определба за мирно решавање на ситуацијата во и околу Украина и за изнаоѓање на политичко решение за кризата. Беше изразена силна поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. За надминување на оваа ситуација продолжува и определбата за дипломатско решение преку консултации со сите инволвирани страни, земји партнери и Европската Унија. Воедно, во рамките на оваа сесија се дискутираше и за идната поставеност на Алијансата за зајакната поддршка на членките на источното крило. Во однос на подготовката за Самитот на НАТО во Мадрид, земјите- членки постигнаа согласност да се апострофираат клучните прашања за зголемување на воените способности, инвестициите во одбраната, капацитетите за отпорност, како и зајакнување на напорите за технолошки иновации.
Во рамките на дискусијата за рамномерно споделување на товарот, министрите го поздравија континуираното седумгодишно зголемување на средствата за одбрана на Алијансата, со цел достигнување на 2% од БДП за средства за одбрана, од кои најмалку 20% за нова опрема, истражување и развој. Во тој контекст, министерката Петровска истакна дека Северна Македонија веќе петта година по ред бележи континуирано зголемување на средствата за одбрана. Во 2022 година, средствата за одбрана изнесуваат 1,77 проценти од БДП, со што нашата држава до 2024 година ќе го достигне нивото од 2%. Оваа година се обезбедени над 30% за опремување на вооружените сили со што Северна Македонија се вброи во групата од 24 сојузници кои ги исполнија насоките од Велс по однос на опремувањето.
Министерката Петровска, соопштувајќи ја заедничката изјава на министрите за одбрана на Албанија, Хрватска, Црна Гора, и Северна Македонија, ја поздрави соработката со партнерите Грузија и Украина. Таа ги поздрави напорите на двете земји во имплементацијата на одбранбените реформи, изразувајќи ја подготвеноста за споделување на искуствата и научените лекции од интеграцијата во Алијансата и постигнувањето на целосна интероперабилност.
Во однос на соработката помеѓу НАТО и ЕУ, министерката Петровска истакна дека двете организации се засноваат на исти вредности, и споделуваат исти безбедносни закани. Од таа причина се заложи за унапредување на меѓусебната координација на области од заедничко значење, како справувањето со сајбер и хибридни закани, борба против тероризмот, климатските промени и отпорноста. Воедно, истакна дека политиката на „отворена врата“ е основен принцип на европската безбедност и дека проширувањето на ЕУ треба да се забрза во насока на зајакнување на стабилноста.