Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, извршија увид на работните активности на делницата Крупиште – Кочани од новиот експресен пат Штип – Кочани, информираат владините служби.
При обиколката на теренот, каде градежните активности се одвиваат со засилен ритам беше изразено задоволство и уверување за остварен вкупен прогрес од 75% од делницата долга речиси 14 километри и беше посочено дека и во време на КОВИД -19 пандемијата интензивно се работеше на изградба и реконструкција на главните патни делници низ земјата, а годинава се задржува силно темпо и динамиката.
„Изградбата на современа патна инфраструктура во земјата е еден од приоритетите на оваа Влада и ние остануваме и понатаму крајно посветени и максимално ангажирани на овој план. Како и во изминатите години, кога и во време на пандемијата интензивно се работеше на изградбата и реконструкцијата на главните патни делници во земјата, и годинава го задржуваме тоа силно темпо и динамика“, истакна премиерот Ковачевски.
„Резултатите од овие заложби се особено видливи во овој источен дел на државата. Градежните работи во штипско, како централна точка на источниот регион, се одвиваат со засилен ритам и го менуваат ликот на модерните клучки и патни решенија кон Кочани, кон Радовиш и Струмица, кон Пробиштип и кон другите урбани центри на нашиот исток. Денеска извршивме увид во работите на втората фаза од делницата Крупиште – Кочани како дел од новиот експресен пат Штип – Кочани“, изјави Ковачевски.
„Делницата Штип – Крупиште пак, веќе е во употреба. Вкупната должина на експресниот пат од Штип до Кочани е 28 километри за што инвестираме 37,3 милиони евра. Дел од тие средства се од Европската банка за обнова и развој која препозна одржлива инвестиција, дел од страничните правци на Коридорот 8. Со изградбата на овој модерен експресен пат создаваме брза патна врска помеѓу Источниот и централниот дел на државата. Овозможуваме брза и безбедна врска со граничните премини кон Бугарија“, рече Ковачевски.
Ковачевски потенцираше дека модерната патна инфраструктура е од значење и за влез на нови инвеститори, за зголемување на работните места, но и подобра комуникација меѓу граѓаните. Изградбата на патиштата е стратешки приоритет на кој остануваат целосно посветени заради брз економски развој на овој регион и на целата земја.