пишува: БОРЧЕ БОКИ ТРАЈКОВСКИ
Илјадници сведочења, десетици илјади барања до институциите и банките, секојдневни поднесоци од обични граѓани во приемната архива, кои, во СЈО видоа спас од заглавените им предмети во другите обвинителства или судовите, предмети за кои СЈО немаше надлежности, ама на сите, а не беа малку, мораше да им се одговори. На граѓаните не им беше битно дали нивните поплаки не се во надлежност на СЈО, тие ја видоа правдата и искрената посветеност на обвинителите експонирани во јавноста, и доаѓаа за најразлични предмети овде да си ја добијат долгоочекуваната правда. СЈО им ја врати изгубената надеж на луѓето заглавени во судско обвинителските лавиринти на транзицијата. А стотици илјади непреслушани разговори чекаа за класификација, исто толку трауми за ушите на оние кои беа задолжени да ги преслушуваат да откријат има ли во нив или нема индиции за сторен криминал. Десетици тони хартија со записници, транскрипти, службени белешки, известувања, барања, покани.
***
На новогодишната прослава по повод пречекот на 2017 година во ресторанот “Ден и ноќ“ сите вработени добивме плакети за заслуги во работењето на СЈО. Секој, при примопредавањето имаше задача да прочита мудра мисла отпечатена на плакетата, а извлечена од „Гугл“. Ги слушав претходните мудри мисли, а кога дојде ред на мене, ја кажав мојата, не онаа која ми беше напишана: „Ако продолжите да се заебавате, наеба државата, наебавме и ние!“ Предизвикав аплауз и смеење. Бевме занесени од популарноста и славата на СЈО. Да бидеш дел од таа екипа, тогаш, значеше многу. Толку многу што и сега не би можел достојно да го опишам тоа чувство. Не ме разбраа сериозно баш заради таа занесеност.
***
Лесно е да се верува во тоа во кое јас верував на почетокот на ова патување, во кое веруваа многу: „не љубов, не пари, не привилегии, не слава, не моќ, дајте ми ја вистината!“ Славата носи популарност со лажен сјај. Моќта заслепува. Ако не знаеш да ја контролираш славата, да ја прифатиш како епизода во животот, како нешто расипливо, брзо се претвара во кошмар. Таа е привлечна печурка со прекрасни шари и совршена форма, примамлива за очи, а смртоносна, отровна. Таа е пилула со иста боја како онаа која секојдневно ти ги смирува главоболките, те стимулира или те опушта, дури и големината им е иста со оние кои во себе поседуваат концентриран јак отров, и за неколку минути те заспиваат во грчот на обичноста. Те враќаат назад, многу поназад од почетокот. Не се радуваат сите на твојата популарност, не сите ја чувствуваат твојата слава искрено. На повеќето таа ќе почне да им пречи, затоа што твојата слава ја сметаат за закана, како испукан сребрен куршум во срцето на “вампирите“, како голем недостаток кај себе и во себе, како натрупан комплекс од детството и младоста од кој знаат дека не можат да се ослободат на ниту еден друг начин освен да ја побиваат, да ја негираат, да ја потценуваат и исмеваат твојата популарност и слава. Од сите кои ќе почнат од далеку да те поздравуваат, да ти се смеат, од сите оние кои ќе се туркаат со тебе да направат селфи, од сите оние кои одеднаш го враќаат твојот телефонски број во именикот за да се фалосуваат каде и да седнат дека те познаваат, дека ти се пријатели, оние, за кои беше сигурен дека те заборавиле, сега те канат на забави, на гости, на викенд, на одмор, само мал, одреден број се искрени. Животот често пати покажува и укажува дека популарноста не само што трае кратко, туку, исчезнува на многу непријатен начин под звукот на камшикот и лицемерието на најблиските.
***
Како сето ова да се знае во екот на најголемата популарност? Каков карактер од човек треба да бидеш да ја контролираш славата, да не дозволиш да те намами како преубава отровна печурка? Колкав е ризикот на раскажувачот, од денешен аспект, да мудрува со вакви теории? Голем, ама предизвикот е уште поголем и продолжувам. Многумина од читателите, еве, токму ти што во овој момент ги читаш овие редови, ќе ми поставиш исто прашање: „Хе, лесно е сега да се правиш паметен, кога сите знаеме како, кога и што требаше да се направи, ама кај беше тогаш да мудруваш, можеби да влијаеш?“ Мојата порака на таа новогодишна прослава на дочекот на 2017 година, „Ако продолжите да се заебавате, наеба државата наебавме и ние“, не направи никаков сериозен „швенг“ помеѓу присутните. Ниту некој се возбуди, ниту пак некој се замисли, ниту некој ме викна да ме праша што сакаше да каже „писателот“, напротив. Пораката предизвика смеење и аплауз. Тоа беше периодот на врвот на популарноста на СЈО, тогаш кога сите, вклучувајќи ме и мене, бевме во некој друг свет. Живеевме во облаците понесени од крилјата на трите сјовски грации, и секако, на моќните крилја на правдољубивиот свет во државата. Кој можел во тие “облаци“, во просторот на тој чист озон да почувствува стегање во градите, грчеви во желудникот, кои, за кусо време ќе предизвикаат загушување и преплет на цревата во стомакот на СЈО? И уште нешто, „курирот“ не беше ликот од кој се очекуваа совети, мудрости, искуства. „Абе иди бегај, тој ли најде да ни кажува?“ Тоа беше дефект кај оние занесени во самобендисаноста, цинизмот, злобата, расипаноста, оние од внатре, на кои популарноста и славата на СЈО преку трите грации, почна да им ги загрозува позициите според само нивните критериуми – Ако не сум јас главната, вистинската, таа која што сум, тогаш, кои се овие две млади„“прчли“ засилени со моќта на онаа „неписмена“ Шефица, да бидат експоненти на правдата во јавноста? Дефект на мкд синдромот, вгнезден во неизживеаноста и расипаните карактери на највисоките позиции. Баш таква имаше СЈО.
Не е оваа фалинка специфична и карактеристична само за СЈО. Со вакви ситуации се соочуваат многу луѓе во врвот на политиката во Македонија, во бизнисите, судовите, во другите обвинителства, во естрадата, секаде. Кај смееш бе да покажеш поголемо знаење и познавање, поголемо искуство, изживеаност, и да делиш совети кај оној кој е хиерахирски над тебе, а позицијата ја фатил заради сопствената немоќ покриена со лажни и невредни дипломи, без трошка домашно воспитание, на грбот на врски и влијанија кај сличните на него. Природна оштетеност, ненормалност од која испливува неморалност, па преку непризнавање на квалитетите кај другите, непризнавање на знаењата кај помладите, нивно дистанцирање, потценување и омаловажување, се полнат со најлажната моќ. Моќта што ја нудеше СЈО, како и популарноста, беа заслепувачки до таа мерка, што внатрешните злобници ќе ја усмерат во своја корист. Ќе заслепат пред вистинските, искрените, лојалните, внатре, пред вредностите, за да им го згаснат сјајот надвор. На овој синдром паѓале влади, големи политичари, мали и големи апаши. Судбина? Абе ај…
Продолжува…
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани.