ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Како Бизмарк ја „подели“ денешна Русија

Нема крај на пропагандните манипулации, лажните вести и ширењето злонамерни невистини кога воените машинерии ќе ја „прегазат“ можноста за мирни решавања на кризите

February 23, 2022 09:29
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ФРОНТ
Сашо Орданоски

Сашо Орданоски

Share on FacebookShare on Twitter

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

Деновиве, кога светот со право е повторно преокупиран – каква вербална коинциденција! – со актуелната окупација на Русија (тој опасен проект во несопирливо движење!) врз делови од Украина, еден наводен цитат од прославениот германски „железен канцелар“ Ото фон Бизмарк (1815-1898) наголемо и нашироко повторно се цитира по бројни медиумски коментари, експертски геополитички анализи, историски толкувања и аматерски статуси по социјалните мрежи, главно за да се докаже „подмолноста“ на Западот и неговата столетна, малициозна „антируска“ политика. (Тоа, на пример, е омилената теза на илјадници македонски фејсбук-русофили кои Путин го доживуваат како последниот крстоносен бранител на светата православна цивилизација пред налетот на подлите католичко-муслимански орди за ништење на македонски народ… И слични глупости, кои не се примарна тема на овој напис.).

Елем, цитатот, атрибуиран на Ото Едвард Леополд (принцот од Бизмарк, грофот од Бизмарк-Шонехаузен, војводата на Лауенбург) гласи: „Моќта на Русија би можела да се намали само со одвојувањето на Украина од неа.“

Навистина, големите историски личности од антиката до денес, кои ги одбележале своите епохи, знаат да „дрмнат“ вакви лапидарни авторитетни оценки со кои ја задолжуваат човечката цивилизација, за потоа бескрајно да се рециклираат како „џебен“ аргумент чија автентичност и точност нема потреба да се докажува. Додуша, за оние кои тоа ги интересира, секогаш е интересно да се види контекстот на ваквите изјави, бидејќи зад нив по правило стојат околности кои се уште поинтересни за да се сфати смислата на искажаното.

Но, ете ти чудо, токму оваа нашироко наведувана изјава на Бизмарк, всушност, не постои.

До таков заклучок деновиве дошол специјализираниот украински портал stopfake.org кој студиозно се занимава со разоткривањето на валканите пропагандни медиумски кампањи насочени кон поттикнувањето на лажни вести, манипулации и ширењето злонамерни невистини за украинската криза. Во нивната анализа се наведени бројни цитати од руски автори кои со години го перпетурираат „ставот“ на Бизмарк, иако е „добро втемелена“ лага.

Имено, тие го цитираат рускиот сервис на Дојче Веле од каде се обратиле до германската Фондација Бизмарк во градот Фридрихсру за уточнување на конкретните факти во врска со наводната изјава на големиот пруски политичар и војсководец. Тамошниот специјалист за делото на Бизмарк, извесен д-р Улф Моргенштерн, децидно објаснува: „Бизмарк не рекол и не можел да каже ништо слично на ова.“ Не постојат докази, ниту во обемната оставина од белешки, писма, говори, а ни во мемоарите на современиците на Бизмарк, дека тој изјавил вакво нешто. На страна што и самиот збор „Украина“ ќе влезе во европскиот вокабулар многу години подоцна од времето на Бизмарк.

Дури, напротив, самиот канцелар – двигателот на тогашното германско обединување во првата северногерманска империјална конфедерација и првиот креатор на социјалната држава во Европа – именуван во 1871 година на таа функција, лично не се согласувал со идејата за „поделба на Русија“. Впрочем, прочуениот британски историчар, марксистот Ерик Хобсбаум, ќе го оцени Бизмарк, мајсторот на реал-политиката, како „неспорен светски шампион во играта на мултилатералниот дипломатски шах во речиси дваесет години по 1871, ексклузивно и успешно посветувајќи се себеси на одржувањето на мирот помеѓу (големите) сили“. (И покрај анексијата на Алзас-Лорен во 1871 година, што силно ќе го поттикне германскиот национализам и ќе ја рашири германофобијата во Европа, ама тоа е друга приказна…)

Истражувањата покажале дека некаков украински контекст со Бизмарк за прв пат се спомнува во книга издадена во Лвов во 1926 година (посветена на тамошниот, некојси, владика Андреј Шептитски), за од таму да го почне своето стогодишно „патување во ноќта“ на цитати и цитати-на-цитати низ руските историографски студии, но и модерните политички пропаганди и небулозите по модерните социјални мрежи, вклучувајќи ги и балканските почитувачи на ликот, делото и украинската окупација на Путин.

Впрочем, ако веќе се сака да се доведе Бизмарк во некаков, многу посоодветен импровизирачки контекст со она што денеска го прави Путин, можеби е подобро да се цитира Бизмарковиот прочуен говор во Прускиот пратенички дом од 1862 година за „крвта и железото“, како начин за постигнување на тогашните пруски империјални амбиции: „Прусија мора да се концентрира и да ја одржи својата моќ за да ја сочува во подобен (историски) момент, што неколку пати веќе се пропушта. Границите на Прусија (определени) според Виенските договори не се добри за здравјето на државата. Големите прашања на нашето време нема да бидат решени со говори и мнозински одлуки – тоа беше големата грешка во 1848 и 1849 година – туку со железо и крв!“ …

Ако во овој цитат малку се „актуелизираат“ годините, се пермутира Прусија со Русија и авторитетниот мустаклија Бизмарк се замени со ќелавиот „мињон“ Путин, сосема адекватно ќе се опише моментната (п)руска политика на „железо и крв“ во Европа. А и егото на Путин не изгледа помало од она на Бизмарк.

После Бизмарк, а пред Путин, во европската политика имаше еден друг војсководец со социопатски, империјални амбиции. Неговата девиза беше не за железото, туку за „тлото и крвта“. И неговата мега-трагична авантура започна со соседни територијални анексии и говори за историски неправди. Но, белки е претерано за тој вид на историски аналогии…

 


Преземено од ЦивилМедиа. Текстот е личен став на Авторот.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Без вода утре село Трубарево и улиците „Гемиџиска“ и „Филип Филиповиќ“ во Гази Баба

July 14, 2025

Уставниот суд оформил 71 нов предмет во второто тримесечје од 2025

July 14, 2025
Генерирано со ВИ

Иран: Не е утврден датум за средба со САД за нуклеарните прашања

July 14, 2025

НАЈЧИТАНО

  • (ВИДЕО) Мицкоски и Николоски се возеа по автопатот Кичево – Охрид: Аце, одлично изгледа ова, ако беше лесно немаше сигурно да бидеме ние

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Тешка сообраќајка на експресниот пат Прилеп – Градско

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Измени во Законот за возила, станиците за технички преглед ќе даваат потврда за регистрирано возило

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Приказна за лавот и глушецот

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Барселона сака да се „ослободи“ од двајца играчи, тие не сакаат да заминат

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk