Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте е разочаран од поразот од Барнли (0:1) во одложениот натпревар од 13. коло на Премиер лигата.
– Загубивме четири од нашите последни пет натпревари. Тоа е реалноста. Ова е крајно разочарувачка ситуација. Работам напорно, обидувајќи се да ги доведам играчите на нивното најдобро ниво, но премногу сум искрен за да замижам пред сето ова. Во сабота нè очекува уште една средба, а ова е вистински момент да се процени ситуацијата. Не сум навикнат на ова. Давам сè од себе, но ништо не се менува, изјави Конте за „Би-би-си“.
Според тренерот, на последните пет средби неговите избраници играле како да се во зоната за испаѓање.
– Сакам да преземам одговорност. Работиме напорно и даваме сè од себе. За прв пат во животот загубив четири натпревари од пет. Можеби не сум толку добар за Тотенхем. Но, сакам да ја завршам сезоната. Мразам да губам, рече италијанскиот фудбалски стручњак.
Тотенхем има 39 бодови од 24 натпревари во Премиер лигата и се наоѓа на осмото место на табелата. Тимот претрпе четири порази во последните пет натпревари.