Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ вели дека државата бара решение кое нема да го загрози статусот на македонскиот јазик во преговорите со Бугарија. Но, напоменува дека доколку не се постигне договор за тоа прашање, не може да има никаков договор.
Во интервју за „Македонското радио“, тој додаде дека Владата внимателно пристапува во преговорите, се грижи и се води според Резолуцијата усвоена од сите партии во Собранието, пренесе 360 степени.
„Идентитетските прашања Бугарија може да се обиде да ги отвори, но тоа не значи дека ние би влегле во разговор и би прифатиле компромис. Затоа инсистираме сите точки да се решаваат во пакет, каде ќе има баланс во компромисите“, додаде Маричиќ.
Вицепремиерот кажа дека за Владата е неприфатлива било каква промена или додавка во преговарачката рамка со ЕУ за македонскиот јазик и неговиот статус во Унијата.
„Нашите позиции во разговорите со Бугарија се определени од Резолуцијата во Собранието, каде што Владата доби јасна задача да се држи до заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет и да изнајде достоинствено решение“, вели Маричиќ.
Тој додаде дека со цел остварување на тоа, но и на почеток на преговорите со Европската Унија треба да се искористат овие недели и месеци за отворање и обид за затворање на сите теми.
„Наша цел е да имаме сеопфатен договор, каде јасно ќе се определат обврските од двете страни и ќе бидеме сигурни дека чекорите што би ги направиле ќе доведат до кревање на ветото“, рече Маричиќ.
Вицепремиерот изјави дека членството во ЕУ и НАТО е од државен интерес, бидејќи функционирајќи во тие системи на безбедност, сигурност и развој на економијата, се подобрува животот и им се помага на граѓаните да останат тука, наместо да бараат пасоши од други држави за да работат во ЕУ.