ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Македонците и Украина: Чорба со многу мирудии, а малку мевце!

February 28, 2022 10:51
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ФРОНТ
Сашо Орданоски

Сашо Орданоски

Share on FacebookShare on Twitter

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

Жал ме фаќа за оние мои драги сограѓани, Македонци – не се малку! – кои, од Милошевиќ наваму, постојано се „активно“ вљубени во политичари како Путин. Не се тие наивни, а ниту глупави, знаат дека никој во политиката не е светец, сведоци се и на бруталностите што нивните политички идоли ги спроведуваа(т) и дома и низ соседствата, но бидејќи политиката е, во принцип, „валкана работа“, зошто Путин би бил полош од кој било друг во светот – особено „лицемерите од Запад“ со нивните виетнами и ираци! – кога грчевито се обидува да ја врати одамна загубената слава на својата армија и нација? Па, макар и со тенкови и ракети, овој пат врз „братската“ Украина.

До некни, Путин во демократскиот свет се сметаше за само уште еден руски автократ, во долгата низа слични насилници и во руската и во светската политика. Но, од пред пет-шест дена Путин своерачно се „унапреди“ во надежен воен криминалец кому – веројатно во отсуство – ќе му се суди за воените злосторства што во моментов ги командува во Украина. Оваа војна, за жал, веројатно ќе трае долго и најстрашното допрва ќе следува. Но, да се нема сомневање, почетокот на крајот на Путиновата кариера, овозможен во директен пренос на стотици телевизиски и интернет канали, е сосема извесен.

Тоа и на самите Руси, без разлика на сите тамошни апсења и затворања на независните медиуми, полека им осамнува. Низ светот масовно се откажуваат спортски натпревари со руски репрезентации и тимови, од театарските и филхармониските репертоари се симнуваат делата на прославените руски уметници, Русија ја исклучија и од Евросонг, па дури и првиот рекет во светот, Русинот Данил Медведев, пред три дена јасно порача дека нему сега му е поважно „да промовира мир“, отколку да игра тенис. (За разлика од неговиот сонародник Дмитри Медведев, „десната рака“ на Путин, кој порача дека на Русија не ѝ се потребни дипломатските врски со Западот додека руската армија ја освојува Украина.)

А, погледајте го и самиот Путин, се изнагледавме руски видеа деновиве од него: нагло остарен и оседен, со подуплашени и пропаднати „стаклени“ очиња и без ентузијазмот на човекот кој се рекламираше дека со голи раце се бори со сибирски бели мечки. И со своите најблиски соработници разговара на безбедна оддалеченост од триесетина метри… Не ќе да е само од страв заради омикронот. Добро се познати параноите на диктаторите низ историјата. Проблемот е што овој социопат има и нуклеарно оружје под својата рака…

Сепак, „на цедило“ го оставаат, еден по еден, и оние од кои очекуваше решителна поддршка во неговата воинствена експедиција во Украина: Кинезите се воздржани, Казахстан му одби соработка, Орбан се приклучи кон меѓународните санкции, Ердоган јавно го осуди и му го затвори Босфор за руските воени бродови, па дури и Вучиќ внимателно ги бира зборовите за дистанцирање од него… Додик, Лукашенко? Тенка работа.

Погледајте го говорот во неделата во Бундестагот на германскиот социјалдемократски канцелар Олаф Шолц за да ја сфатите долгорочната опасна авантура во која за започнатата „војна на Путин со слободниот свет“ ќе нема ништо добро за Русите, иако малку што добро ќе излезе и за остатокот од светот.

Дури и Папата во петокот пешки, демонстративно, ја посети Руската амбасада во Ватикан – што е без преседан во историјата – за да ја изрази својата загриженост за војната што се разгорува во Украина, додека стотиците негови колеги православни великодостојници срамно си молчат како Украинците да се некое заборавено диво племе низ делтата на Амазон, а не нивна братска верска паства.

Комичарот Владимир од Киев, за сега, морално и политички го „гази“ диктаторот Владимир од Москва, одбивајќи да се предаде пред отворената закана за негова ликвидација. Како и да заврши украинскиот претседател (можеби ќе го замолчат додека го читате овој текст), за Зеленски ќе се снимаат херојски филмови за Оскар; за Путин тажни документарци на Хистори ченел.

Па, што, тогаш, ги влече голем број македонски граѓани, тоа разгневено малцинство по социјалните мрежи, во навивачката еуфорија за Путин?

Ирационална е таа емоција, составена од провинциска тесноградост, инает, цинизам, лична разочараност и насобрана горчина. Се работи за една комплексна фрустрација во која кај мнозина од нив се искомбинирани личните неуспеси и животните потфрлања, за кои и не се сосема лично виновни. Фатени се во „челустите“ на противречностите на капитализмот, а Македонците веќе три децении не негуваат голем апетит за него. Ветуваната „подобра иднина“ ги одминува. Потиштени се од пандемијата, незадоволни од секоја власт. Има во тоа и потиснато нетрпение кон Албанците, произлезено од разните видови на потсвесен страв и „мнозинска“ несигурност за колективната иднина на својот народ (македонскиот), уверени дека „западниот проект“ е да се „албанизира“ Балканот. И долготрајните понижувања што ги доживуваме од нашите соседи („со поддршка од Запад!“) им ја заматуваат сликата, бидејќи од релативната сигурност и благосостојбата во поранешната Југославија, многумина не можат да „пораснат“ дека самите со своите скудни ресурси, како суверена членка на ООН, треба да се справуваме со „големиот свет надвор“. Впрочем, го мразат Запад, бидејќи и децата и роднините и пријателите (а и самите тие) таму го бараат подобриот живот од овде, за што, се разбира, Запад им е виновен. Многумина не знаат ни на географската карта да ја најдат Украина, но ги знаат сите пцовки и навреди на фејсбук за оние кои не се согласуваат со руската инвазија врз Украина.

И така натаму. Чорба во која има сто мирудии, а малку мевце.

Сепак, да не ве лаже површниот, вревлив фејсбук-впечаток, најголемиот број македонски граѓани, а и овдешните политички елити, и во оваа светска криза се на вистинската страна на историјата. Поинаку не може да биде за народ и држава која и во денешно време, мирнодопски, споделува слични негирања и историски омаловажувања како и храбрите Украинци и нивната држава. И, да, нашето опстојување и развој се должи токму на поддршката од, често и со право, критикуваниот Запад. Истиот тој што ќе ѝ помогне и на Украина за, на крајот, да се спаси од агресивната воена загроза од нејзиниот Исток.


Преземено од ЦивилМедиа. Текстот е лиен став на Авторот

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Мицкоски: Потребно е зголемување на кредитот за автопатот Кичево – Охрид

July 14, 2025

(ВИДЕО) Трамп: Многу сум разочаран од Путин, воена опрема вредна милијарди долари ќе биде испратена во Украина

July 14, 2025

(ВИДЕО) Трамп ѝ се закани на Русија: Ќе испратиме „врвно оружје“ до НАТО сојузниците и Украина, ако не прекине војната за 50 дена

July 14, 2025

НАЈЧИТАНО

  • (ВИДЕО) Мицкоски и Николоски се возеа по автопатот Кичево – Охрид: Аце, одлично изгледа ова, ако беше лесно немаше сигурно да бидеме ние

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Измени во Законот за возила, станиците за технички преглед ќе даваат потврда за регистрирано возило

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Тешка сообраќајка на експресниот пат Прилеп – Градско

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Приказна за лавот и глушецот

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Барселона сака да се „ослободи“ од двајца играчи, тие не сакаат да заминат

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk