пишува: БОРЧЕ БОКИ ТРАЈКОВСКИ
Првите средби со значајните имиња во државата а беа интерес на СЈО, и кај мене предизвикуваа доза на трема. Некоја чудна возбуда од фактот дека и јас ги знам нив ама и тие знаеја кој сум, или, што мислам за нив. Колку и да бев обичен доставувач во СЈО, сите во мене гледаа нешто повеќе. Сите ми оставаа впечаток дека овој потег на СЈО, мене да ме назначи на местото доставувач, е обвинителски трик, игра во која секој треба да внимава, да биде претпазлив што ќе каже пред мене, односно, да се обидува да ја искористува таа средба. На прашањето што работам во СЈО, и откако му кажав доставувач, тој ептен симпатичен адвокат, ми рече, „Абе иди бегај, ти доставувач?!? Тие приказни на друг, мене не!“ Се потсетив и на првата средба со поранешен вице премиер во владата на Апашот Бр.1, на паркингот пред болницата „8 Септември“, каде мајка му била на лекување, кога сомнително ме гледаше додека излегував од пежото, и не дочека да му се доближам, на два чекори пред да се поздравиме се обидов да го прашам, како е мајка ти, а тој одговори со прашање: „А што работите вие во СЈО, господине Боки?“ „Службеник“, со полунасмевка му реков, „Аха, службеник викаш, ги знам јас добро таквите службеници!“ Се насмеав. А што друго би му објаснувал? Во телефонскиот разговор ми кажа дека мајка му е на преглед во болницата и сосема човечки беше прво да го прашам за тоа, а токму тоа прашање кај него предизвикало дополнителен сомнеж за мојата позиција во СЈО. А имаше и такви странки кои после моите средби во нивните фирми, каде сме се договориле утре да поминат во СЈО за да ја прецизираме содржината на документите кои ги бара СЈО, на влезот во СЈО ме бараа како обвинителот Боки. Ха ха хаа. Најверојатно заради белата коса, годините и пристапот кон странките, кај некои кои не ме познаваа оставав таков впечаток, иако постојано на вратот ја носев значката од СЈО на која пишуваше “доставувач“. Подоцна ќе ми стане јасно дека сите оние кои се сомневаа и потресуваа, речиси сите, откако ќе го видеа црното Пежо, всушност почнуваа да си ја ишкаат мувата, и кој и да се појавеше од нив, тие во најмала рака беа збунети. Авторитетот на СЈО зрачеше и од возилата.
Му ја предадов поканата, ја потпиша, се вратив во автомобилот и ги прелистав другите две останати покани за лична достава за тој ден. На нив пишуваше две имиња, една дама и еден многу значаен господин. Тргнав кај значајниот господин. Наидов на човек од обезбедувањето пред неговата куќа. Без да му се претставам од каде сум и кој сум веќе знаеше по возилото со затемнети стакла дека сум од СЈО. „Господинот не е дома“, ми рече љубезниот стражар пред било што да го прашам, „оставете телефон, тој ќе ве побара!“ Тргнавме назад со возачот. Уште не бевме спуштени до влезот на Клинички, ми заѕвони телефонот. После љубезното претставување, човекот ме праша, „Може ли да дојдете во хотел Мериот во 14 часот, тука е човекот кој го барате?“ „Можам“, му вратив, „поздрав, се гледаме!“. Се вратив во СЈО да го потрошам времето до 14 часот.
***
Значајниот сé уште важеше за страв и трепет во државава, и додека го чекав саатот за таа средба во мислите ми се врати една куса реплика со еден поранешен премиер, при првата посета на неговиот „пензионерски“ кабинет, на негова покана, кога, седнавме еден наспроти друг и првото прашање што му го поставив беше: „Знаеш ли со кого седиш во моментов?“ Го поставив ова прашање затоа што во мојата автобиографска приказна „Од Осака до Дижонска“, неговиот период на владеење посебно потегот околу приватизациите и стечаите на многу познати фирми го опишав како темен период во кој на законски начин се набилда почетниот капитал кај неколкумина бизнисмени и почна да се уништува сé што беше прогласено за загубар. Се насмеа и сосема кусо рече: „Боки, два пати премиер, еднаш претседател на државава, мислиш дека има нешто што не знам?“, толку. А човекот каде што тргнав, беше и премиер и претседател и директор на тајната полиција, што ми обезбедуваше гаранција дека знае и какви гаќи носам на себе денес.
***
На влезот во Мериот, истата слика и прилика. Задолжениот за мојот пречек, од далеку го видел пежото кое се паркираше пред хотелот, и веќе стоеше на влезната врата. Се искачивме по централните скали во фоајето, на мезанинот, свртевме десно, и во аголот покрај високите прозорци ми покажа да седнам на една од шесте празни фотелји во ова сепаре. Ме праша дали ќе се напијам нешто. Не ги почитував секогаш препораките дека со странките не е пожелно да се прифаќа понуда за кафе, чај, виски, ракија, ама овој пат одбив. Му се збалагодарив на момчето и чекав да се појави господинот. Неочекувано, дојде брзо. Не поминаа ниту три минути, кога, еве го лично и персонално, чекори накај мене. Проѕирен во кожата на лицето, ист’нчен, сјае од далеку, чиниш од раѓање го бањале во млеко. Клеопатра во македонско машко издание. Витка става, лесен чекор, очигледно дека човеков се грижи за својот физички изглед. Станав, се ракувавме, и следеше оноа куртоазно прашање, како е, како иде, ете, рече седнувајќи, работиме, не е лошо. Дај да видам што имаш за мене, и откако му го подадов неговиот примерок, почна да чита. По кусо време изреагира, во смисла, сé е океј, ама баш на овој датум имам закажано неодложен состанок со бизнис партнери, ќе може ли да го смениме датумот, праша. Го кренав телефонот и го побарав „Вајат“, обвинителот кој го бараше со оваа покана, за да му ја пренесам ситуацијата односно барањето на странката. Одеднаш пресврт. Значајниот ми го зема телефонот од увото, и го стави на неговото. Претпазливост, сомнеж дека можеби глумам разговор, или нешто друго се случи во неговиот мозок, ама се случи, ми го грабна телефонот од увото. Опцув во себе. Кога се вратив во СЈО осеќав обврска да му објаснам на “Вајат“ што се случи, дека тоа не беше моја иницијатива, дека странката ми го грабна телефонот од рацете. Се плашев дека кај него сум оставил лош впечаток, всушност, без нивна дозвола, не смеев да ги вметнувам во разговор со која било странка.
Продолжува…
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани.