пишува: ЉУБИША С. НИКОЛОВСКИ
Кој ги најде? Никој, но се знае кој ги изгуби: даночните обврзници во оваа земја. Вчерашниот ден беше потрошен за процедурални забелешки во стилот: „Предлагам точката четири да биде три“, „Предлагам точката еден да се тргне“, „Предлагам точката пет да биде шест“…и така 40-тина пати, онолку колку што имаше пратеници од ВМРО ДПМНЕ во салата. Сите се јавија да кажат нешто околку дневниот ред, односно „да ја завлечкаат работата“ на Собранието колку што може подолго.
Истата намера ја имаат и денеска. Да го потрошат залудно собранискиот ден па и денеска да се фрлат 30 илјади евра. Поднесоа 400 амандмани на одлуката за разрешување на Фадиљ Зендели од член на Комисијата за избори и именувања. Партијата БЕСА од која доаѓа пратеникот – сè уште учи од ВМРО ДПМНЕ како се блокира Собранието, па предложи само 10-тина. Но идејата е иста – седницата да трае бесконечно.
А зошто одеднаш Зендели стана толку важен за ВМРО ДПМНЕ? Па затоа што БЕСА стана опозиција. Не беше важен кога БЕСА беше власт, а Зендели беше именуван за член на Комисијата бидејќи СДСМ му отстапи едно од своите места. Според Деловникот, власта и опозицијата ги делат местата во Комисијата на 7:6, па така СДСМ има 4, ДУИ 2, а седмото место го држеше владеачката БЕСА, додека ВМРО ДПМНЕ има 5 и опозицискиот број се пополнува со еден од Алијанса. Зошто е чудно што преоѓањето од власт во опозиција значи губење на местата добиени како дел од власта и ново прераспределување на членови во комисиите, при кое БЕСА ќе си бара дел од местата што им припажаат како на опозиција.
Ова се случува кога спикерот Талат Џафери и владеачките партии КОНЕЧНО решија да преземат мерки и да ја стават во функција оваа значајна комисија. Па до кога да се чека на избор на четворица уставни судии, ако речиси цела година Судот работи само со пет од вкупно девет. Дали директорот на МРТВ, избран уште во 2012, треба да остане таму доживотно, бидејќи Комисијата не функционира и не може да изготви предлог за нов програмски совет на МРТВ и на Агенцијата за медиуми.
Па нели е доста? Ајде, Џафери, Собранието е одраз на политичката волја на граѓаните! Мора да биде функционално!