пишува: БОРЧЕ БОКИ ТРАЈКОВСКИ
“Вајат“ стана еден од моите фаворити меѓу обвинителите од самиот почеток. Понекогаш се случува некои луѓе да ти остават силен впечаток и според тоа како изгледаат, како се облекуваат, како се однесуваат, како комуницираат и од прв поглед се стекнуваш со констатации и за карактерот на личноста. Момчакот зрачеше со мангуплук, со изживеаност, спортски тип, виток, висок, оштри црти на носот и брадата, и ако беше во мода да се носат шешири на глава, ќе личеше на младич од цртаните вестерн романчиња, од чии очи зрачи дистанца и блискост и правичност и привлечност, извираше „позитив гај“, со нормални, не претерани критериуми за тоа како се облекува и во каква прилика, и на крај, со што удри печат на оваа фаворитска титула кај мене, беше фактот дека станува збор за “мераклија“ со изградени критериуми. И за чашка, и за друштво, и за мајтап и за муабет. Кај „Вајат“ имаше и нешто друго со кое подоцна ќе забие жиг на титулата. Тој ден, се појави во гаражата во која веќе го чекаше возилото и возачот. Бев на пуш пауза и се затекнав тука. Ме погледна со оној специфичен каубојски поглед и со исто таква насмевка рече: „Шефе, влегувај доаѓаш со мене!“ Влеговме во една значајна институција, каде нé пречекаа со ширум отворени врати, затоа што претходно „Вајат“ ја најавил оваа посета. Седнавме на бирото на директорот на истата, а по кусо време тука се појави еден странец. “Вајат“ бараше негова согласност да биде официјално повикан во СЈО за да даде исказ, или, сведочење за потребите на некој негов предмет. Зборуваше англиски, се договараше со човекот, и успеа да ја добие неговата согласност и да го договори терминот за ова значајно сведочење. После едне час, се вративме назад. Не го прашав зошто ме повика да бидам сведок на овој за него битен разговор, и секако, конспиративен. Во возилото му реков на англиски дека одлично го владее истиот, ама освен насмевка, не кажа друго. На излегување му се заблагодарив на довербата. Ми се насмеа, и рече – „Уживај шефе, сé си е ОК!“ Еве и од оваа временска дистанца, не можам да го квалификувам овој негов потег како ништо друго, освен, како гест на висока доверба, како чин со кој ми потврди, со мене си, со тебе сум. Токму со овој гест, или тест, сеедно, „Вајат“ ги менуваше нормите и статутите на дефинициите напишани во учебниците, и, работата ја туркаше според некои нови критериуми и нормативи кои создаваа успешни рецепти на неговото биро во СЈО. Воопшто не стравував од помислата дека на овој начин тој или институцијата се обидуваат да ме тестираат. Не. Немаа потреба. Тие тестови ги имав положено додека многумина од нив биле во средношколските клупи. Овој момчак немаше шанса да не го знае ова.
„Вајат“ има сигурна иднина во понатамошниот живот. Знае како да ги оттурнува лошите, да ги привлекува добрите, знае да ги проценува луѓето. И воопшто не е битно дали кариерата ќе ја продолжи на ова поле, или, ќе одбере некое друго. Секаде ќе зрачи со таа исклесана сериозност пред која стои висока и цврста бариера, сигурносен бедем од тврдина, чија порта се отвара само со негова наредба, со „Сезаме отвори се“. Без тоа, таму немате пристап.
***
Во сепарето на мезанинот на хотелот Мериот, значајниот ми го врати телефонот, го повика човекот од обезбедувањето и ми рече: „Од сега натаму, за било што, кога и да ти затребам, јавувај му се на овој човек, и секогаш ќе бидеме на врска да се договориме каде би се сретнале!“ Се поздравивме и замина. Морам да ви кажам дека, исто како што тоа го направија една поранешна министерка и министер, и значајниов во секое време ми беше достапен, и секогаш на време одговараше на повиците на СЈО. „Мунгосот“ од Велес го превзема водството од апашот бр.1 за најтежок субјект за наоѓање за потребите на СЈО за лична достава. Ама, и тоа ќе трае кратко.
***
Нема да поминат две години, после неверојатниот подем, внатрешноста во СЈО почна да ја исполнува некој чуден, непријатен мирис. Ова почна да се случува откако Шефицата, како скијачки скокач аматер, како Камиказа без обука за пилотирање, под влијание на две нејзини „поискусни“ колешки, или ако сакате под притисокот на неоправданата завист, реши да го одвои задникот од стартната клупа на највисоката позиција од скокалницата на „Планица“, и со пластични папучи на стапалата да се спушти низ стрмната заледена патека да го смени курсот на дотогашното пловење. Многумина се фативме за глава, некои цинично се смешкаа.
***
Односите на релациите помеѓу првите луѓе во СЈО не се истите со кои започнаа. И тоа не можеше да се сокрие. Почна да се губи заедништвото. Ветриштата кои, од ден на ден го туркаа бродот во погрешен правец, во меѓусебни подметнувања и озборувања, насока различна од онаа поставена на почетокот во првите две години, дека „ангелките“ ја презентираат тимската работа во оваа институција дека нивниот сјај е наш, дека популарноста треба да ја чувствуваме како заедничка дека оваа мисија така треба да се разбере и на тој начин да се води, дека предметите што се работат пооделно се исто така заеднички, дека секој на секого треба да му помогне, со голема брзина почнаа да ја загадуваат внатрешноста. Тиквата почна да скапува од внатре. Опструкции, диверзии, натпревар меѓу првите луѓе со правила поставени на најниска основа. Секој ден сé поголема „реа“ се ширеше од катот. Почнаа да испливуваат суетите, лицемерието, раскалашеноста, самоволијата, злобата и на сопствена штета максимално ги усмеруваа против себе, против сите. Во СЈО почна да преовладува сељачко централистичко ниво на командување. Тука, токму од овој момент, после неполни две години постоење на СЈО, се појави првата површинска пукнатина на еден од светлите ѕидови. Беше ли ова дел од некоја „тајна врска“ за ферментација на СЈО од внатре? Не верував тогаш. Сега?
***
Одеднаш, без никакво образложение, „ангелките“ беа дистанцирани. Им беше „забрането“ да се појавуваат во јавност, (суптилно, не со наредба), прекинаа познатите прес конференции. Се прашуваа многу, се прашуваа и луѓето во СЈО, се прашував и јас. Секоја прилика ја користев да дознаам што се случило. Во кусите реплики со „ангелките“, одговорот беше, дека, ниту тие знаат. Колку и да не ја прифаќаа новата ситуација во СЈО, никогаш ниту една од нив не се стави во позиција јавно да ја напаѓа новата состојба. Така треба да биде, така е решено и така ќе се тера, „Не се секирај Боки, ќе биде“, ме тешеа „ѕвездите“. А сите решенија, одлуки, и чекори за тоа како понатаму, доаѓаа од едно место. И од едно друго.
Продолжува…
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани.