Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција го објави и образложи новиот пакет кој се состои од 26 мерки од пакетот, поделени во две категории – мерки и препораки за заштита на животниот стандард на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите и мерки за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.
„Ја намалуваме повластената стапка на ДДВ за основните производи за исхрана од 5 на 0%. Основните производи на кои ќе се однесува оваа мерка се леб, шеќер, брашно тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца. Ги замрзнуваме маржите на основните производи за исхрана. Со оваа мерка спречуваме на наднормален профит“, рече Ковачевски.
Исто така, Ковачевски најави ваучери за најранливите категории на граѓани за основни производи за исхрана во вредност од 1.000 денари месечно, во период од три месеци за околу 35.000 граѓани. Истите би се користеле за купување на основни производи.
			




