Рускиот претседател Владимир Путин повика странски доброволци да се борат против украинските сили. Говорејќи на состанокот на рускиот совет за безбедност, тој рече дека треба да им се дозволи на оние кои сакаат доброволно да се борат со силите поддржани од Русија, пишува Би-Би-Си.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека има 16.000 доброволци на Блискиот Исток подготвени да се борат заедно со силите поддржани од Русија. Американски официјални лица рекоа дека тие би можеле да вклучуваат Сиријци вешти во урбана борба.
Москва е долгогодишен сојузник на Сирија, а Путин беше клучен поддржувач на сирискиот претседател Башар ал Асад во граѓанската војна во земјата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, одговарајќи во видео порака, рече дека „насилниците од Сирија“ ќе дојдат да убиваат луѓе „во туѓа земја“.
Странски борци, вклучително и поранешен и сегашен персонал на британската армија, исто така пристигнуваат во Украина за да се борат за владата во Киев.
Зеленски неодамна изјави дека 16.000 странци доброволно се пријавиле за каузата, дел од, како што рече, „меѓународната легија“.
Чарлс Листер, аналитичар од Институтот за Блискиот Исток со седиште во САД, се запраша колку сириските сили би биле корисни за Путин.
„Доколку режимот на Асад почне да испраќа војници во Украина, тие нема да бидат ништо повеќе од топовско месо во битка и средина што им е целосно туѓа“, напиша тој на Твитер.
превод: М. М.





