Лебот, маслото за јадење и брашното од вчера се продаваат по набавни цени, а за дел од основните прехранбени продукти се намалени маржите со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните и да се сочува нивниот животен стандард во екот на најголемата економска криза кога на светските берзи секојдневно расте цената на горивата., пренесува МИА.
За белиот шеќер, трајното кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо, сувомеснатите производи, како салами, виршли и колбаси, сирењето, урдата, оризот, јајцата и макароните намалени се профитните маржи во трговијата на големо од 5 на 4 проценти и во трговијата на мало од 10 на 3 проценти. Намалувањето на маржите ќе важи до 31 мај.
Дополнително, како времена мерка целосно е забранет и извозот на маслото за јадење, бидејќи проценките се дека во периодот од 1 до 8 март од државата се извезени 330 тони. Постои можност ваква забрана да има и за дел од другите прехранбени производи како што се брашното, пченицата и пченката бидејќи има побарувачка за извоз од соседните и европските држави.
Следниот вторник, пак, според најавите, најверојатно ќе биде донесена и мерка за увоз на масло за јадење од сите држави со нула проценти царина со што се очекува да се зголеми конкурентноста на пазарот и да се стабилизира цената на овој прехранбен продукт.
Наскоро се очекува да бидат донесени и законските измени на данокот за додадена вредност и за акцизите со кои треба да се намали ДДВ за основните прехрабени продукти и за горивата. Собраниската седница веќе е закажана за денеска во 15 часот, а од Владата апелираат пратениците веднаш да ги усвојат законските измени со кои треба да се овозможат брза имплементација на мерките кои се во насока на заштита на животниот стандард на граѓаните и на компаниите.
– Не е време за политиканство. Сите мерки што беа презентирани од страна на претседателот на Владата и на ресорните министри веќе се пратени во Собранието и би сакал да ги повикам сите пратеници што побрзо да ги усвојат законските измени во делот на Законот за ДДВ и во делот на Законот за акциза, изјави вчера министерот за економија Крешник Бектеши, според кого, ако има добра волја од сите страни, законските измени може да се донесат и во текот на денешниот ден.