пишува: БОРЧЕ БОКИ ТРАЈКОВСКИ
Големата моќ на брзата и огромна популарност на „ангелките“, почна да им пречи на неколкумина внатре во СЈО, и сé повеќе таа нивна популарност некои суетни ја претвараа во оштра стрела во затегнат лак од внатре, стрела која, доколку се најде во погрешни раце, и се истрела во погрешно време знае да се одбие како од челична трамболина за да се врати со многу поголем интензитет, да те распара, да те искасапи, самоурниса, да ја ферментира внатрешноста на „златната кочија“ за да експлодира од внатре. Се затекнував и во ситуација кога сé погласно, во секоја прилика кога ќе се сретнев со „ангелките“, велев, не дозволувајте оваа „кочија“ да се претвори во „тиква“ пукната од внатре. Само тоа не го дозволувајте. Се смешкаа.
Следеше период кога Шефицата почна често да се појавува во медиумите, за да ја искомпензира големата дупка, да ја затрупа празнината од „ангелките“, ама сите беа со дострел на тивки шепотења пред носевите на гледачите. Ѝ пишав порака на ФБ, со прашање што се случува, зошто ваков прекин на успешната работа, не ми одговори.
***
Во овој тмурен период за СЈО беше повеќе од очигледно дека кормилото за внатрешните работи во институцијата е предадено на жената која со неколку потези ќе предизвика турбуленции внатре. „Искусната“ обвинителка за многу кус период успеа да покаже како не треба да се раководи, и, намерно или не, понесена од моќта на сопствената злоба и личен интерес му ја нанесе на СЈО најголемата рана. Ја затегна стрелата до максимум, за да го дочека овој момент, кога ќе ја истрела. Го наметна своето. За кусо време ќе се покаже погрешно, самоубиствено. Опинокот влезе во кондура и стана чизма. Со лошите карактеристики за менаџирање, преку погрешна тактика, го проектираше неискуството со кое се покажуваше празноста на мкд општеството, па, искористувајќи ја слабоста на Шефицата лесно и брзо да потпаѓа под влијание го превзема водството. Дали заменичката имаше друга цел за на овој начин да го усмери работењето на СЈО, ќе остане енигма. Како и да е, во тој период очигледно беше дека озборувањата и интригите го водат орото на тмурноста во внатрешноста на куќата на правдата. Живеевме период во кој повеќе од очигледно беше дека двете искри на надеж за државата и за СЈО, за правдата, „ангелките“, не комуницираат меѓу себе. Сите знаевме од каде дувнала оваа смрдеа со која буквално се загушија најпопуларните, ги закочија вредните ама не ги сопреа да продолжат да си ја туркаат работата, избегнувајќи да коментираат или да покажуваат каков било отворен отпор, револт, преку кој би предизвикале уште поголем хаос внатре. Стоички и авторитетно го издржаа овој период. Лош потег на првата некрунисана дама на СЈО. Период по кој се најави почетокот на паѓањето на Империјата. Првата голема грешка на Шефицата.
***
Камшикот беше во рацете на личност која постојано бараше непријатели, секаде. Ако не ги најдеше надвор, ги бараше внатре. Ако и таму ги немаше, војуваше сама со себе. Зрачеше со својата проста арогантност и самобендисаност до граница на глупавост. Сé почесто се забележуваше дека колегите меѓу себе повеќе се озборуваат наместо да соработуваат, дека глумат блискост, дека се селектираат друштва, окрузи на ваши и наши, на пријатели и непријатели, на подобни и неподобни, на способни и неспособни според нејзините критериуми. Шефицата немаше ништо против оваа нова организација во СЈО. Која маестрална грешка, кој невиден кикс. Вчудовиденоста и несогласувањата кај некои колешки и колеги од новата хиерархиска поставеност во СЈО, не стасуваа до ушите на Шефицата. Негодувањата се шепкаа од едно до друго ќоше, од една до друга канцаларија, а замолчуваа чим таа ќе беше забележана во видокругот. За одеднаш да се прошири веста дека врие од внатрешни кодоши. Речиси во секоја канцаларија имаше ангажирано кодош, ако немаше ги праќаше. Имаа задача да ѝ пренесуваат сé за секого, и за дејствија и муабети кои немаа допирна точка со нејзината личност. Сакаше да знае сé за секого – што прави, кај се движи, што јаде, пие ли, со кого се гледа, има или нема пари, сакаше да ги држи сите конци в раце и така се постави. Го чекавме моментот кога ќе ја испушти затегнатата стреал и „златната кочија“ да се претвори во распукана тиква.
***
Тогаш во тој период немав пристап до Шефицата, а колку што можеше да се забележи и кон повеќето други таа го смени својот однос, па и тие се тргаа на страна чим ќе ја видеа. Го приметував ова од далеку, и ја избегнував исто така од далеку. Немав пристап за од таму ја дознаам вистинската прична за оваа состојба во СЈО. Подоцна ќе разберам дека „лошите“ муабети за мене стасувале до неа од различни страни, а и медиумите не го штедеа СЈО од честите наслови како например: „СЈО вработува поранешни затвореници и криминалци“, но, оние полошите, најниските, пристигнувале од внатре, од лошите и злобните, и вообичаено за набиени со висока компресија на злоба, од оние кои прв пат те среќаваат во живот, од оние кои прв пат имаат шанса да те запознаат лично, од оние кои хоризонтите на сопствените животни приказни ги шират само со моќта на муабетите и озборувањата слушнати од други. И нема врска што и самиот си ја провоцирав судбината невоздржувајќи се од ФБ со коментари и ставови, мислења и размислувања, отворени спротивставувања на противниците на СЈО, од кои никако не можев да се откачам. И не сакав. И се случи:
– Ало Боки, каде си?
– Еве накај суд…
– Одма враќај се!
Oпцув на глас, и без да му наложам на возачот, доволно беше гласен звучникот од мојот телефон па и тој ја слушнал наредбата од „Дамата со кесите“, вториот „страв и трепет“ во СЈО, втората „шефица“ и веднаш заврте назад. Ретко ми се јавуваше, ама овој пат и во нејзината интонација на наредбата забележав дека нешто не е во ред, дека некаде, повторно сум ја утнал, дека ситуацијата е лоша, многу лоша. Триста филмови ми се премотуваа низ глава за да го најдам одговорот пред да го слушнам од неа. Џабе. Со забрзани чекори се искачив на катот, влегов во нејзината канцаларија, ја погледнав, а таа, како и секогаш, никогаш не открив зошто, не ја крена главата за да ме погледне, туку веднаш рече:
– Пак си пишувал на ФБ?
– Што сум напишал?
– Не ме интересира што си напишал, бегај веднаш дома шефицата само што не пристигнала, да не те види овде. Побрзај… Џ’нннггг…
Одеднаш силен шум во ушите, зуење во главата, гледам а не слушам, и трчајќи се симнав по скалилата, излегов преку гаражата, брзо чекорев кон моето возило и си дојдов дома како катапултиран, телепортиран, како некој за дел од секунда да ме дислоцира во „три де“ проекција и одеднаш се затекнав дома, седнат на трпезариската маса со вкочанет поглед во телевизорот. Со неколкумина со кои се разминав, приметив дека во мене гледаат како во авет, најверојатно така сум изгледал, таков се појавив пред Тања. Зуењето во ушите не престана, а бунилото ја натера веднаш, без да ме праша било што, да наполни чашка вода со шеќер и малку цеден лимон. И таа знаеше дека се случило нешто страшно, а најстрашно за двајцата, беше, да ја загубам работата на која бесконечно и се израдувавме. Овој пат изгледа се случи тоа, старата Бокиева мантра, некоја чудна „пратиља“ во животот, кога самиот си заслужен за успехот, и самиот си заслужен за неуспехот. Ќе блеснам и ќе треснам. Страшно. Прошепотив: „Готово е со СЈО ме избркаа!“ До доцна вечерта ниту ме праша зошто ниту јас кажав зошто. Не знаев. Чекав некој да ми се јави и да ми каже. Три недели, еј. Без сон, без доволно јадење, без воздух, и силни болки во левото уво, грч во мускулите. Се стопив како црковна свеќа. Каква Жан Митрев диета, бе, какви бакрачи. За три недели 11 килограми минус, плус тешко запаление на десното уво, 100% оштетување на слухот во левото. Малаксаност, депресија, изгубеност. И остај тоа, туку, на крај работата испаднала дека Шефицата ме заборавила. Ако не ме спомнеле колегите, ќе продолжев да се топам, најверојатно до крај. Замислете, ме заборавила. Жената која ширум ми ги отвори вратите на СЈО, сега ме заборавила.
***
Ќе помине време за да ја разберам причината. На шефицата не и се допаднала најубавата точка на таа Златна буба мара, онаа нумера со трите пеачки кои ги имитираа неа и двете ангелки, „Ви ар СЈО“. Штом нумерата се појави на јутјуб, ја споделив кај мене на профил и кусо напишав Браво Бубамара. Да ви кажам право и сега ми е супер таа изведба, ама од тогаш престанав да ја гледам и следам “Бубамара“. Толку. Ми се јави повторно втората шефица, и праша, што правиш, само воздивнав, не туку туфкај, рече, облакај се и доаѓај на работа. Летнав. Ќе поминат 3 години и кусур во СЈО, кога “Хувер“ во неговата канцаларија ќе стане за да ме прегрне и да ми рече: “Кога ќе ми текне какви муабети на почетокот доаѓаа за тебе до нашите уши, а види сега, кој бил Боки?“
(продолжува)