пишува: БОЈАН ПЕТРЕСКИ
По завршувањето на последната рунда преговори помеѓу високите претставници на Русија и Украина за постигнување примирје, јасно е дека како и секој воен конфликт, така и овој ќе заврши со договор. Оваа четврта рунда преговори која се одвива преку видео врска, на маса го стави постигнувањето на прекин на огнот, потоа повлекувањето на војниците и безбедносни гаранции за Украина, како и извлекување на цивилите од кризните подрачја. Имајќи предвид дека на преговарачка маса се седнува да се направат некои отстапки се со цел да се дојде до конечно решение, водењето на преговори по забрзана трака само по себе значи намалување на последиците од конфликтот. Вака како што е поставена целата ситуација, може да се каже дека преговорите тешко напредуваат и дека решението, скоро па и да не е на повидок.
Штетата е веќе направена. Украински градови се срамнети со земја, гинат невини цивили, се поголем број државјани на Украина се обидуваат да ја напуштат својата татковина. Сепак руската армија на фронтот не напредува онака како што таа очекуваше и планираше. За сè ова иако на почетокот многумина велеа дека се шпекулации, јасна потврда стигна и од руски генерал, кој изјави дека нивниот план за заземање и освојување на Украина, поточно освојување на источниот дел на Украина, десно од течението на реката Дњепар, не се одвива согласно предвидената динамика и дека руските воени сили наишле на силен отпор од украинската војска. Дека руската војска не напредува со очекуваната динамика, говори и фактот што Русите мораа да се заканат и со употреба на нуклеарно и хемиско оружје. Следејќи ги сите овие случувања, јасно може да се каже дека моќната руска армија има за цел целосно да го оневозможи излегувањето на море на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски јасно порача дека Украина е државата која трпи агресија, дека тие не се земја за поткусурување и дека бескомпромисно ќе се борат за секоја педа од територијата на Украина. По оваа изјава на претседателот Зеленски, Украина докажа и покажа дека е самостојна, независна и суверена држава. Народот ова го докажа преку фактот што принуденото цивилно население кое се повеќе и повеќе е во бегство, најчесто својот излез го бара во Полска, Словачка, Унгарија или Романија. Со самото пружање на отпор, Украина јасно даде до знаење дека се работи за самостојна држава со јасно определени граници и дека во Украина живее население со доминантно про-западно расположение. Доколку мнозинството од граѓаните беше со про-руско расположение, тогаш повеќе од јасно е дека граѓаните кои ја напуштаат Украина, немаше да заминуваат во земји-членки на НАТО.
Паралелно со Володимир Зеленски – херојот на Украина и Европа, човекот кој успева да одолее на сите закани и интриги подметнати од руска страна, на спротивната страна го имаме рускиот претседател Владимир Путин. Имено, Путин е првиот претседател на некоја земја кој успеал прв пат по завршувањето на Втората светска војна, да ја обедини Европа, како никогаш до сега. Сите европски лидери претставувајќи ги ставовите на своите земји го осудија Путин за преземањето на воени дејствија врз друга самостојна, суверена и независна држава. Владимир Путин со сите свои ставови и преземени акции од почетокот на воената агресија, кај мнозинството граѓани на Европа остава впечаток на диктатор чија што цел е освојување на Украина со цел враќање на дел од границите на поранешниот Советски Сојуз. Иако Путин неколку пати наведе дека руските агресори ќе бидат многу “внимателни”, како не би предизвикале голем број на цивилни жртви и дека на Русија не и е целта цивилното население, во последниве неколку дена можеме да забележиме дека тоа не е така. Имено, срамнети со земја беа породилишта, болници, градинки, згради во кои живее цивилно население итн.
Воената агресија од страна на Путин, не може и нема никаков основ да се оправда. Во 21 век 2022 година, сите отворени прашања доколку постојат помеѓу две или повеќе држави се решаваат низ дијалог и низ темелен и отворен процес на преговори. Со преземените воени дејствија Путин влегува во низата на европски диктатори, за кои по се изгледа, ќе им се суди пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Во таа групација против која треба да биде покренато обвинение за актуелната ситуација влегуваат и рускиот премиер Мишустин, како и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Оваа е водечката тројка на Русија во моментов која сака да го освои источниот дел на Украина и која се поочигледно стравува од украинско членство во одредени сојузи. Меѓутоа стратешки важната Украина од аспект на поморска трговија, производство и извоз на житни култури, како и земја која е исклучително важна за текот на рускиот гас, му прави огромни проблеми на Путин при нековите асимилаторски амбиции, притоа директно непомогната од ниту една друга држава.
Клучна порака во актуелнава ситуација испраќа и секогаш неутралната Швајцарија. Швајцарија е земја која не челнува во никаков сојуз и која е гео-политички неутрална уште од Втората светска војна. Оваа земја со мудрата политика на директно неизјаснување и неподдржување во целиот претходен период, го задржува својот неутрален статус за време на сите потреси кои се случуваат на Европскиот континент. Изјаснувањето на Швајцарија во врска со руската агресија врз Украина, праќа огромна порака, за добрите познавачи и читатели на гео-стратешката политика. Па така, застанувањето на страната на прогресивната демократска држава Украина, на Путин треба да му биде јасен показател дека има погрешна стратегија и погрешен правец избрано во обидот за остварување на своите цели и намери. Тоа е земја во чиишто банки богатите луѓе обожаваат да штедат. Економски гледано, швајцарската валута е најстабилна бидејќи државата е гео-политички неутрална, не членува во ниту еден сојуз и целата таа ситуација ни укажува дека Швајцарија како независна држава, речиси и да не ги „осеќа” случувањата на Европскиот континент. Стабилноста на швајцарскиот франк, со резерви на злато најмалку 40 проценти, овозможува и меѓународните економски конфликти, ретко да имаат минимално влијание врз швајцарската економија.
Осуден од скоро сите држави во Европа за дејствијата кои ги презема, притоа осуден и од неутрални држави кои скоро па никогаш јасно како сега не се изјаснуваат за европските случувања, воениот агресор Владимир Путин по се изгледа, не славно ќе заврши запишувајќи се на црната страна на поновата историја. Се поочигледно е дека сега во моментов руската страна предводена од Путин, бара начин како целиот овој конфликт што побрзо да го заврши. Тоа е така бидејќи колку Европа е зависна од Русија, толку и Русија е зависна од Европа. Економските мерки кои ги превземаа про-западно ориентираните држави заедно со САД и Велика Британија, ќе предизвикаат огромни штети врз економската стабилност на Русија без разлика што станува збор за економски силна држава. Пласманот на руските продукти најчесто е на европскиот пазар и анализирајќи ги работите по најавите на руските политичари дека е дојдено време Руската Федерација да се насочи према Кина, се поставува прашањето колку кинескиот пазар кој исто така е голем ќе може да го замени европскиот. Не залудно се кажува дека крвотокот на светот е токму Европа.
И за крај, македонските поддржувачи од типот на Ленин Јовановски и Иван Стоиљковиќ, двајцата фронтмени на руското влијание во Северна Македонија, кои велат дека Путин само помага и не е воен агресор и злосторник, немилосрдно продолжуваат да ја величат руската политика и руското влијание во нашата држава. Секако дека како најсвежа земја-членка на НАТО, заедно со БиХ, Црна Гора и Србија имаме „интересна” почва за подгревање на страстите.
Рускиот врв мора да одговара за воени злосторства!
Војната во Украина мора да престане час поскоро бидејќи на светот му е потребен мир, благосостојба и непречено одвивање на сите процеси!
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани