Речиси едномесечната руска инвазија на Украина покажува се повеќе штетни последици за Русија, а една од нив е масовното заминување на младите експерти од таа земја, кои се плашат од меѓународна изолација. Феноменот познат и како „одлив на мозоци“ стана вообичаен.
За Александар не е толку важно што производите од Запад исчезнале од полиците на продавниците, ниту дека Мекдоналдс се затворени, туку е поттикнат да размислува за напуштање на Русија поради фактот што се плаши дека сите негови цели, соништа, и плановите „заминаа во пеколот“.
Преведувачот е од Москва во доцните дваесетти години и вели дека многу негови пријатели веќе побегнале во земји како Турција, Грузија и Ерменија, додека голем дел од нив се подготвуваат на тој чекор.
– Практично нема начин да заработите доволно за да живеете во Русија доколку не сте во систем на корупција, политички поврзан или во криминал. Има гласини дека Русија би можела да биде исклучена од Интернет. Ако тоа се случи, веднаш ќе си одам одовде. Не сакам да живеам во поголемата верзија на Северна Кореја – изјави тој за Дејли Телеграф.
Одливот на мозоци ќе биде нов удар за руската економија, која веќе се бори со тешките западни санкции и заминувањето на огромните корпорации како Кока-Кола и Зара. Младите Руси стравуваат од економска депресија која ќе ги совлада и уништи нивните животи и деловни изгледи. Според Дејли Телеграф, Москва се соочува со тешка финансиска ситуација и минатата недела, за прв пат по болшевичката револуција, побарала 30-дневно одложување на плаќањето на долгот кон меѓународните кредитори. Русија ги немаше потребните 117 милиони долари за да го исплати побарувањето.
Официјални лица во Грузија, земја која исто така беше нападната од Путин во 2008 година, потврдија дека кај нив дошле околу 25.000 Руси, додека други заминале во Ерменија, Финска и Казахстан. Само во Ерменија се забележани шест илјади пристигнувања, а бројката се зголемува од ден на ден.
J. Ѓ.