Украинските сили повторно презедоа контрола врз целата територија на регионот Кијив, изјави денеска заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малијар.
– Целиот киевски регион е ослободен од напаѓачите, напиша Малијар на Фејсбук.
Претходно советникот на украинскиот претседател Олексиј Арестович изјави дека украинските сили повторно зазеле повеќе од 30 градови и населби во регионот на Кијив.
Тој предупреди дека ќе има поинтензивни конфликти во други области, иако, како што тврди, украинските сили ја вратиле контролата над поголемиот дел од територијата во близина на главниот град.
– Да немаме илузии, и понатаму престојат тешки битки за југот, за Мариупол, за истокот на Украина, наведе Арестович.
Украинското знаме денеска повторно беше подигнато над затворената нуклеарна централа во Чернобил, додека вработените ја пееја националната химна и го славеа заминувањето на руските војници.
Нуклеарната централа минатиот месец беше окупирана од руските сили.
Украинската нуклеарна компанија Енергоатом на Телеграм објави дека руските сили ја напуштиле затворената нуклеарна централа Чернобил.