Во рамките на активностите преземени за одбележување на Меѓународниот ден на Ромите, во организација на Министерството за политички систем и Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, се одржа панел дискусија за актуелната состојба на образованието на ромски јазик и досегашните преземени проекти за унапредување на нивото на интеграција на ромската заедница во едукативно-образовниот процес.
– Во текот на дискусијата беше нагласена потребата од прогресивен континуитет на институционалното дејствување во поддршка на ромската заедница, зајакнување на соработката помеѓу државните институции и невладините организации со цел што пообјективно и ефикасно таргетирање на потребите и барањата на оваа заедница, како и продолжување на спроведување на реформите за нивно вклучување во образовниот процес одразувајќи го диверзитетот како неопходна општествена вредност, соопштија од Министерството за политички системи и односи меѓу заедниците.
Меѓу другото, беше презентирана заложбата на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците за поддршка на унапредувањето на социјалниот статус на Ромите и борбата против нивната дискриминација, при што во таа насока беше потенцирана важноста од усвојувањето на Стратегијата за инклузија на Ромите за периодот 2022-2030 година и целосната подготвеност за нејзиното спроведување.




