Денеска, на 09.04.2022 година во Скопје се одржа Мировен марш под мотото “ПОМИСЛЕТЕ НА НАС, ЗА ПРОМЕНА”, пишува во соопштението од организаторите на мировниот марш.
Маршот започна со собир пред Собранието на Република Северна Македонија, и продолжи со мирно движење низ центарот на градот, се до Владата на Република Северна Македонија.
На маршот земаа учество средношколци од повеќе средни училишта во Скопје, дополнително поддржани од нивни професори и родители.
На маршот доминираше белата боја – бојата на мирот, а учесниците носеа транспаренти со мировни пораки.
Иницијативата за овој мировен марш произлезе од средношколци, во рамките на проект за свесноста и делувањето во граѓанскиот сервис. Идејата доби поддршка и од членови на Сојузот на средношколска младина на Македонија.
Основната цел на овој марш, е да се крене свесноста на младите луѓе во Македонија за тоа дека е потребно токму тие, младите, да бидат активни учесници во својата земја и светот, и гласно да ги изразат своите ставови и мислења против сите војни во целиот свет.
Нивната единствена желба е да им се овозможи своите потенцијали и креативна моќ да ги реализираат во мир.
Целта на младите е оваа порака да стигне што пошироко, и конечно политичарите да помислат на нив и нивната иднина.
На маршот беше одржан и пригоден говор, на кој покрај основната порака, беше гордо спомената и нашата сограѓанка, добитничка на Нобеловата награда за мир, која во една прилика рекла:
“Ако немаме мир, тоа е затоа што сме заборавиле дека припаѓаме едни на други”.
И токму заради таа припадност кон сите други народи во светот, на крајот на маршот, проследено со песната на Џон Ленон (Да му дадеме шанса на мирот), симболично во воздухот беа пуштени бели балони, за сите 7 (седум) континенти на светот и сите земји членки на Обединетите нации.







