СОНК за утре најави генерален штрајк, бидејќи на средби со ресорните министерства и Владата не се договорија за исполнување на нивното барање за зголемување на платите во образовниот сектор за 18,4 проценти. Ова барање е со цел усогласување со порастот на минималната плата во државата од 15.199 на 18.000 денари што веќе стапи на сила.
Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков на денешната прес-конференција истакна дека СОНК нема да ги затвори училиштата и градинките, но нема да изведува воспитно – образовна и згрижувачка дејност и ќе биде во штрајк, а одговорноста за обезбедување минимум услови за функционирање на установите, како и за прифаќање на децата, како што кажа, ќе имаат директорите.
Кога ќе биде тоа не зависи од нас. Ние би биле среќни уште утре да се случи и да најдеме заедничко решение. До сега немаме никаков предлог, но мора да имаме во предвид дека било каков предлог членството нема да прифати, рече Неделков.
Очекува, како што кажа, во текот на утрешниот ден или најдоцна до вторник да има средба со одговорните за да не прерасне штрајкот на СОНК во многу поголем и масовен штрајк во државата, бидејќи, посочи, и другите грански синдикати најавуваат порадикални мерки.
Премиерот Ковачевски апелираше до наставниците од основните и средните училишта да ги стават интересите на децата на прво место и да се погрижат да не се наруши образовниот процес.
Ги повикувам наставниците од основните и средните училишта да ги стават интересите на децата на прво место и да се погрижат да не се наруши образовниот процес. Учениците треба да бидат во училиштата, таму каде што припаѓаат, напиша Ковачевски.
Од Министерството за образование и наука соопштија дека основните и средните училишта ќе работат бидејќи настава мора да се организира и за време на штрајк.
Министерството за образование и наука ја известува јавноста дека и од понеделник, за кога е најавен штрајкот од страна на раководството на Синдикатот за образование, наука и култура СОНК, основните и средните училишта ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и ќе организираат воспитно-образовен процес“, велат од Министерството.
Сите предучилишни установи ќе продолжат да ја обавуваат својата дејност – згрижување и воспитание на децата и во деновите на најавениот штрајк, како и до сега, информираа и од Министерството за труд и социјална политика.
Во согласност со Конвенцијата за правата на детето, одредбите во Уставот на Република Северна Македонија и Законот за заштита на децата, неприкосновено право на децата е да им биде пружено згрижување и воспитание во предучилишни установи како облик на заштита на децата. Согласно Законот за заштита на децата, во предучилишните установи за деца, вршењето на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст не смее да се прекинува освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што решава основачот, а по претходна согласност од Министерството за труд и социјална политика, но не и за време на штрајк, велат од МТСП.





