Денес разговарав со американскиот Претседател Бајден. Меѓу темите на разговор – да се изведат пред лицето на правдата сите руски војници и команданти кои извршиле воени злосторства. Меѓународна соработка за ова. Дискутиравме за нов пакет одбранбена поддршка за Украина. Се договоривме. За помош во вредност од 800 милиони долари. Оружје, муниција, друга помош. Артилериски системи, оклопни транспортери, жиродини. Искрено сме благодарни за поддршката! Ние исто така се договоривме за заострување на санкциите против Русија, истакна претседателот на Украина Володимир Зеленски во своето обраќање.
Обраќањето на Зеленски го пренесуваме интегрално:
„Денес беше корисен ден за нашата држава, за нашата одбрана од рускиот напад. Во Кијив пристигнаа претседателите на четири земји-пријатели на Украина. Оние кои ни помагаат уште од првите денови. Кои не се двоумеа дали да ни даваат оружје. Кои не се сомневаа дали да се воведат санкции. И кои сега на ниво на Европската унија се залагаат за построг пакет санкции против Руската Федерација. Полска, Литванија, Латвија, Естонија. Ми беше многу мило што денес се сретнав со претседателите. Преговорите беа плодни.
Важно е што претседателите ја посетија Бородјанка во Кијивската област, каде што од прва рака видоа ШТО направија окупаторите. За претседателите, ова е уште еден аргумент за посилно да се залагаат за реално опипливи санкции против Русија.
Пред се, потребно е ембарго за нафта. И јасна подготвеност на Европа да се откаже од сета руска енергија. Европската унија мора да престане да ја спонзорира руската воена машина.
Западната политика на санкции денес ја разгледа и група на меѓународни експерти предводени од Мајкл Мекфол и Андриј Ермак. Групата работи веќе три недели. Се состои од меѓународни и украински експерти кои ги оценуваат воведените санкции и како Русија се обидува да ги заобиколи.
Групата подготви конкретни предлози за тоа како да се отстранат пропустите во санкциите кои што Русија постојано ги користи и како веднаш да се зајакнат санкциите за да бидат опипливи за Москва.
Денес разговарав со американскиот Претседател Бајден. Меѓу темите на разговор – да се изведат пред лицето на правдата сите руски војници и команданти кои извршиле воени злосторства. Меѓународна соработка за ова. Дискутиравме за нов пакет одбранбена поддршка за Украина. Се договоривме. За помош во вредност од 800 милиони долари. Оружје, муниција, друга помош. Артилериски системи, оклопни транспортери, жиродини. Искрено сме благодарни за поддршката! Ние исто така се договоривме за заострување на санкциите против Русија.
Се обратив до Парламентот и до народот на Естонија. Им се заблагодарив за укажаната помош за Украина, вклучително и оружје. Исто така, ја повикав Естонија да се приклучи на повоениот проект за обнова на Украина.
Веќе соработуваме со Естонија на полето на дигитализацијата. А по војната ова може да стане уште поголем проект. За обновување на владините и деловните дигитални системи, за сајбер безбедноста. За обновување на соодветните образовни институции.
Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан ја посети Буча. Точно е дека во градот ќе почне да работи група форензичари од Меѓународниот кривичен суд. Одговорноста на руската војска за воените злосторства е неизбежна. Сите ќе ги изведеме на Трибуналот. И не само за она што беше направено во Буча.
Генерално, на северот од нашата земја – во ослободените области – продолжува деминирањето. Окупаторите позади себе оставија десетици илјади неексплодирани убојни средства, мини, бомби и многу други работи. Затоа, сите што сакаат да се вратат дома на ослободената територија треба да бидат крајно внимателни. Максимално внимателни. И веднаш информирајте ја полицијата и спасувачите во случај да најдете неразбирлив предмет, експлозивен предмет.
Борбените извештаи за денес не се разликуваат значително од претходните. Руските трупи ја засилуваат активноста во источниот и јужниот правец. Тие се обидуваат да се одмаздат за нивните порази. Продолжуваат со ракетните бомбардирања и артилериските напади. Поставуваат нови колони техника. Бараат резерви. Се обидуваат да регрутираат во нивните војски жители од југот на нашата земја – односно од овие привремено окупирани области покрај таканаречената „мобилизација“ во одделни делови на Доњецката и Луганската област.
Сета оваа трескавична активност на окупаторите сведочи пред се за нивната несигурност. Фактот дека дури и со значителни резерви на советска воена техника и значителен број војници, кои командата не го штеди ни најмалку, руската војска се сомнева во сопствена способност да не разбие нас, да ја разбие Украина. Па, правиме се за да ги оправдаме нивните сомнежи.
И јас сум им благодарен на сите наши бранители, на сите наши бранителки кои ги држат позициите и ги навикнуваат руските војници на идејата дека оваа војна против Украина може да заврши само со стратешка загуба на Русија – порано или подоцна.
Или руското раководство навистина ќе бара мир, или како резултат на оваа војна Русија засекогаш ќе ја напушти меѓународната сцена.
И пред да го снимам ова обраќање, како и секогаш, потпишав укази за наградување на нашите бранители. Државни награди добија 270 воени лица на Вооружените Сили на Украина, од кои 7 постхумно, како и 11 вработени од Одделот за државна заштита.
Со друг указ доделена е титулата Херој на Украина на двајца војници на нашите Вооружени Сили. Постхумно“.