Ирска го поддржува членството на Украина во ЕУ и ќе направи се што е можно за да го забрза процесот, пишува Korrespondent.
Ирска ќе направи се што е потребно за да го забрза пристапот на Украина во Европската унија. Ова го изјави ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковени за време на брифингот со украинскиот колега Дмитриј Кулеба во четвртокот на 14 април во Киев. „Украина се стреми кон различност, економски просперитет, демократија и слобода. Сакам да кажам дека сето тоа е можно додека се наоѓаме во Европската унија и ќе направиме се што е можно за да го забрзаме влезот на Украина во оваа организација“, рече тој.
Ковени, исто така, рече дека Ирска го поддржува воведувањето ембарго на руската нафта.
„Исто така, би сакал да забележам дека мојата земја го дели мислењето дека е потребен максималистички пристап во односите со Русија, особено во однос на прашањето за воведување санкции кон Русија, кои исто така треба да имаат застрашувачки ефект. Ние исто така се залагаме за потребата од ембарго за трговија со нафта со Русија во рамките на шестиот пакет санкции“, рече ирскиот министер.
Да потсетиме дека на 8 април, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината посета на Украина, на властите им предаде прашалник за членство во Европската унија. Претседателот Володимир Зеленски рече дека Киев ќе го пополни споменатиот прашалник во рок од една недела.
За возврат, шефот на ЕК вети дека разгледувањето на прашалникот од Украина ќе трае не со години, како и обично, туку неколку недели.
Кабинетот на министри очекува Украина да добие статус на кандидат за членство во ЕУ до јули 2022 година.
Превод: Жорж Димовски