По пауза од два месеца поради повреди, нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа повторно се врати на тениските терени. Прв турнир по паузата ѝ е ITF турнирот од категорија W25, во Санта Маргерита ди Пула, Италија. Првите натпревари покажуваат дека Ѓорческа брзо се враќа во форма. Турнирот го започна со две победи од по два сета, против Французинката Селена Јаниќиевиќ (6-2 : 7-6) и против домашната натпреварувачка, Италијанката Федерика Роси (6-1 : 6-1).
На ред дојде и четврфиналниот меч против големата фаворитка и втора носителка на турнирот, Тимеа Бабош од Унгарија. Лина со одлична игра направи убаво изненадување и извојува победа во три сета (6-3 : 3-6 : 6-3). Колку е вредна оваа победа показател е и податокот дека Унгарката Бабош беше и на 25-тото место на светската ранг-листа.
Во полуфиналето противничка на нашата тенисерка ќе ѝ биде хрватската тенисерка Тена Лукас, која што извојува лесна победа во два сета против 6-тата носителка Лулу Сун од Швајцарија. Во другото полуфинале ќе играат Русинката Дариа Астакова и Холанѓанката Ева Ведер.
За истакнување е и тоа дека Лина Ѓорческа настапува и на турнирот во двојки, на кој исто така избори пласман во полуфиналето. Нејзина дубл-партнерка на овој турнир е Ведер од Холандија, а за помалку од еден час ќе започне нивниот полуфинален меч против холанската двојка Гимбрере и Схофс.
Aцо Лукароски