Гордоста на руската морнарица, моќниот крстосувач Москва, потона, соопшти руското Министерство за одбрана, пренесува Би-Би-Си.
Според руската страна, бродот бил оштетен поради несреќа во оружарницата, што предизвикало експлозија и пожар, а бродот подоцна потонал „поради лошото време“ додека пловел кон Севастопол.
Но, таа верзија на настаните изгледа малку веројатна. Имено, еден западен функционер изјави дека не знаел за сличен случај во кој пожар на брод довел до експлозија на тенк со муниција – а Русија тврди дека токму тоа се случило. Тоа, рече тој, би значело дека „екипажот е крајно неспособен“, па тешко е да се поверува дека инцидентот се случил на тој начин.
Во моментов се чини дека е точната украинска верзија на настаните според која бродот бил погоден од противбродската ракета Нептун, која е целосно домашен, украински производ.
Извори на „Украинска правда“ рекоа дека во моментот на нападот, “Москва“ се наоѓала во Црното Море на оддалеченост од околу 20 наутички милји од Змискиот остров.
Ј. Ѓ.