Штрајкот во образованието и згрижувачката дејност, односно во основните и средните училишта и во градинките, влезе во втората недела откако синдикалците членови на СОНК, како што соопштија, го одбија усниот предлог од Владата за линеарно зголемување на платите од 2.500 денари од јуни, за што ќе се разговара во Собранието на РСМ.
Jованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика за Утрински брифинг вели дека правото за штрајк е регулирано со Закон за работни односи и колективните договори за детска заштита и образование. Тие се децидни дека работодавачот ги исплаќа придонесите, но нето платата на секој вработен треба да ја исплати СОНК. Не дека не сака, државата нема основ како да ја исплати плата, вели Тренчевска.
– Член 240 го дава правото на штрајк, а член 241 се однесува на тоа дека синдикатот треба да исплати плата. Ова е штрајк за барање унапредување на работничките права. Со одлуката за штрајк СОНК се повикува на усогласувањето со минималната плата, а законот за минимална плата има рок од шест месеци за усогласување, вели Тренчевска.
Таа додава дека од вработените во градинките се барало да се води евиденција кој штрајкува за работодавачот т.е. државата да може да им исплати плата на оние кои редоно оделе на работа, а другите треба да ја побараат платата од СОНК.
– Очигледно дека на СОНК само парите им се важни. Не зборуваат за унапредување на правата на вработените, за условите за работа, кариерен развој и т.н. Ние за ова разговараме и наскоро ќе има закон. Но, на средбите со синдикатот единствено за што се зборуваше беше усогласувањето на платите со минималната плата, вели Тренчевска.