Изминативе денови главна тема во јавноста е отворањето на Клубот Ванчо Михајлов во Битола. На чинот на отворањето присуствуваше голема бугарска делегација, предводена од бугарскиот премиер Кирил Петков, пишува Фокус.
Но, токму ВМРО-ДПМНЕ на чело со претходниот лидер, Никола Груевски го славеше истиот тој Ванчо Михајлов и сечеше црвени ленти на отворање музеи со негови восочни фигури. На крајот на 2014 година, тогашниот премиер Груевски и тогашната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска пресекоа црвена лента на Музејот на дејците на ВМРО од Штип и Штипско во штипско Ново Село. Во овој музеј има и восочна фигура на Ванчо Михајлов, пишува Фокус. На настанот пристустваа и тогашниот градоначалник на Штип, Илчо Захариев и Влатко Ѓорчев.
Тогаш Груевски изјави дека Ново Село е легенда за историјата на Македонија и како ретко кое место во земјава има родено дејци и револуционери кои придонеле за развојот на историјата.
Штипската населба Ново Село има богато историско минато, оттаму почнува развојот на Штип, а тука учителствувал и македонскиот револуционер, Гоце Делчев. Во Ново Село се родени Михајло Апостолски, Тодор Александров и најконтроверзниот, Иван Ванчо Михајлов, наречен и Радко.
Извор: Центар.мк