Славјанка Петровска ја презема функцијата министерка за одбрана во период кој претставува сериозен предизвик по безбедноста на континентот. Петровска од самиот почеток јасно го пренесе ставот на политичкиот и одбранбен врв на Северна Македонија за мирно и дипломатско решение за надминување на состојбата, а изрази и недвосмислена поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и поддршка за украинскиот народ, се наведува во денешното соопштение од Министерството за одбрана.
Петровска раководи и со Координативното тело за учество на Северна Македонија во системот на НАТО за одговор на кризи чија задача е координација со домашните институции и сојузниците во НАТО за справување со моменталната криза на европско тло, одвраќање и оневозможување на прелевање на конфликтот на територија на земјите членки на НАТО.
Во МО, предводено од министерката Петровска продолжува опремувањето и модернизација на Армијата.
– Во првите 100 дена мандат беше донесен Годишниот план за набавки во областа на одбраната со влади на странски држави кој содржи осум проекти, меѓу кои и набавката на лесни оклопни возила која е во тек, набавката на специјални возила за посебни намени, артилериски системи и против воздушен одбранбен систем на мали височини, информираат од МО и додаваат дека се вложува во нова и модерна опрема.
На неодамнешното НАТО – оценување на вежбата „Блесок 22“, се подвлекува во сооптшението, лесниот пешадиски баталјон на Првата пешадиска бригада беше оценета како „борбено способна“ согласно највисоките НАТО стандарди.
Паралелно со модернизацијата, стои во соопштението, се работи на подобрување на условите за работа на припадниците на Армијата, за што во тек е реализацијата на неколку капитални инвестиции, реконструкција на четири големи армиски објекти, а се работи и на рехабилитација на писти во две касарни и санација на патна инфраструктура во селото Криволак. Во последните 100 дена, потсетуваат, завршени се реконструкциите на два големи објекти во касарните „Гоце Делчев“ во Скопје и „Јане Сандански“ во Штип, изведена е гасоводна мрежа во касарните „Страшо Пинџур“ во Петровец и „Боро Менков“ во Куманово, а завршени се и три нови санитарни јазли и пречистителни станици во рамките на нашиот најголем полигон, „Криволак“.
– Засилен е и социјалниот дијалог со претставниците на синдикатите од областа на одбраната. Дека станува збор за искрен и сеопфатен дијалог од кои произлегуваат решенија, потврди и Независниот синдикат на одбраната, кој информираше дека работните состаноци со министерката се континуирани и фокусирани на клучни прашања за вработените во одбраната. Синдикатот потврди дека станува збор за социјален дијалог на високо ниво и го поздрави пристапот на министерката Петровска во разговорите, се наведува во соопштението од МО.
Како што посочуваат од МО, во изминатите 100 дена во одбраната интензивно се работело и на подготовките за претстојната досега најголема вежба на армискиот полигон „Криволак“, која вклучува над 4.600 припадници на армии од осум држави – Северна Македонија, САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија и Грција. Започнати се и подготовките за реализацијата на најголемата годишна конференција на НАТО комуникатори и информации, која есенва ќе се реализира во Северна Македонија, а ќе вклучи околу 400 експерти за стратегиски комуникации и односи со јавноста. /МИА/





