Поранешен британски шпион кој пишувал за аферите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп со Русија, изјавил дека од сигурни извори дознал дека рускиот претседател Владимир Путин е тешко болен, пишува Business Insider.
Кристофер Стил, кој со години го водеше одделот на британската тајна разузнавачка служба, МИ6, одговорна за Русија и британски шпион во Москва со години, изјави за Sky News: „Со оглед на она што го слушнавме од извори во Русија и на други места, Путин е навистина многу сериозно болен“.
Веќе подолго време кружат гласини за здравјето на 69-годишниот руски претседател. Во саботата, началникот на украинската воена разузнавачка служба, генерал-мајор Кирило Буданов, изјави за Sky News дека Путин е во „многу лоша психичка и физичка состојба и многу болен“. Буданов продолжи да сугерира дека наводната болест на Путин во Русија поттикнала планови за државен удар.
Стил рече дека здравјето на Путин е „важен елемент“ во донесувањето одлуки за Украина.
„Не е сосема јасно што е болеста – дали е нешто неизлечиво или терминално или што и да е. Но, тоа секако е дел од равенката“, рече тој.
Наводите доаѓаат неколку дена откако магазинот New Lines ги објави тврдењата на неименуван руски олигарх кој рече дека „Путин е многу болен и има рак на крвта“. New Lines го потврдија идентитетот на олигархот, но не можеа да ја потврдат автентичноста на снимката.
Невозможно е да се потврдат гласините за здравјето на Путин и голем број болести од кои тој наводно боледува. Рускиот истражувачки медиум Проект во април напиша дека рускиот лидер неодамна бил десетици пати посетен од специјалист за рак на тироидната жлезда.
Во меѓувреме, поранешниот агент на КГБ, Борис Карпичков, изјави за Сан, без да наведе извор, дека има „сериозна загриженост“ дека Путин, меѓу другото, боледувал од Паркинсонова болест и деменција.
Написот на Sun продолжува со шпекулации на различни таблоиди за надуеното лице на Путин и слики од средбата со министерот за одбрана Сергеј Шојгу, на која тој се држеше за масата.
Инаку, Стил е автор на разузнавачко досие за Доналд Трамп, во кое има наводи за постоење руски видеа во кои Трамп бил снимен во различни непристојни ситуации пред да се занимава со политика.
Но, не е пронајден доказ дека таква снимка навистина постои, а кредибилитетот на другите аспекти од неговиот извештај е доведен во прашање, пишува Си-Ен-Ен.
Стил работел во Москва како шпион под дипломатско покривање во 1990-тите три години, а помеѓу 2006 и 2009 година бил началник на рускиот оддел МИ6.
Подготвил: Ј. Ѓорѓиоски