Рекордни 185 тони отпад собраа учесниците во досега најголемата акција за чистење во земјата – „Генералка викенд 2022“, организирана од Мен енд Маунтен заедно со Пивара Скопје и Пакомак поддржани од Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Еко-акцијата се спроведе од 6-ти до 8-ти мај во 26 општини ширум земјата, а во неа учестваа над 8000 волонтери, што е за 8 пати повеќе од минатата година, што воедно ја прави и една од најмасовните еколошки акции кои досега биле спроведени во нашата земја. Според резултатите секој волонтер собрал по 25 килограми.
Честитајќи им го успехот на организаторите на акцијата министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на денешаното промовирање на резултатите на акцијата потенцираше дека успешно воспоставување на одржлив систем за управување на отпадот како императив во заштитатата на животната средина мора да биде следено со изградени навики и одреден степен на општествена свест во однос на постапувањето со отпадот.
„Акцијата ја покажува важноста на секој од чинители во процесот на постапување со отпадот и има двојна улога – се развива свеста за правилно одложување, се развиваат позитивните навики за селектирање и се развива потребата за одржување на чиста животна средина. Но, исто така, со трансформација на одредена количина на собраниот отпад во дрвни насади што ќе се засадат на одбрани локации отпадот се претвара зелена гора или парк кој е видлив бенефит за сите. Ова е одличен пример како со иновативен пристап, креативност и волја да се рециклира ѓубрето од минатото, може да се гради зелена иднина“, истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
„Првенствено, оваа еко-акција им помага на нашите напори да ја изградиме нашата земја како место без отпад, што е целосно во согласност со нашата глобална иницијатива – Свет без отпад. Подеднакво важно, на темелите на големите резултати постигнати минатиот викенд, се отвора можност да придонесеме за пошумување и да ги поддржиме нашите напори за намалување на емисии на CO2, што е во согласност со нашата глобална цел да достигнеме нето нула емисии на CO2 до 2040 година. Второто значајно достигнување е големиот број волонтери кои решија да го посветат своето време и лично да придонесат во оваа иницијатива. Во име на Пивара Скопје, би сакал да им се заблагодарам од сѐ срце. Вие сте вистински амбасадори за создавање култура на одржливо однесување“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Горан Сладиќ, потенцирајќи дека според остварените резултати „Генералка викенд 2022“ ги надмина сите очекувања.
Целокупната неопходна инфраструктура за собирање, селекција и соодветен третман на отпадот ја обезбеди Пакомак.
„ Пакомак секогаш ги поддржува акциите за собирање отпад на јавните површини. Од нашето искуство досега, 90% од оние кои учествувале во вакви акции собирајќи несовесно фрлен отпад од нашите сограѓани, никогаш повеќе не фрлаат отпад вон кантите или контејнерите. Уште повеќе, тие стануваат промотори за чиста природа и животна средина. Со акцијата минатата недела, земјава доби промотори и потврдени екологисти, кои успеаа да соберат огромна количина различен отпад. Замислете дека денес, камионите со отпад од Тетово и Битола да го истурат целиот собран смет од градот во природа… тоа е отпрлика собраната количина отпад со оваа акција,отпад собран од нашите полиња, шуми и реки..Ние како Пакомак, дел од овој отпад што се рециклира ќе го однесеме на понатамошна обработка во нови суровини, но за жал поголемиот дел ќе биде само прописно депониран. Селекцијата на отпад од дома и одлагање во одделни контејнери иканти, се уште е најдобар опција“, изјави извршниот директор на Пакомак, Филип Ивановски.
Инаку, еко-акцијата „Генералка Викенд 2022“ е планирано да се повторува секоја година сѐ до 2031, со цел да се исчисти целата земја од отпад и да се имплементира одржлив систем за селектирање и менаџирање на отпад.
„Сакаме да се заблагодариме на секој поединечен учесник кој беше дел од ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2022. Покажавме дека до 2031 година, до 40-та годишнина од независноста на земјата, заедно можеме да ја оствариме целта која си ја поставивме, а тоа е да ја исчистиме нашата земја од отпад. Сакаме да направиме сите луѓе повторно да се гордеат со својата земја и да останеме запаметени како генерацијата што ја врати надежта и љубовта во земјата на сонцето“, велат претставниците на Мен енд Маунтен.
Заедно со Министерството за земјоделство наесен за секои 10 килограми отпад што ќе се соберат за време на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, ќе биде посадено по едно дрво во шумските насади наречени „СОНЧЕВА ГОРА“.