Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на посетата на Украина ја отвори Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев, која беше привремено затворена поради безбедносни причини по руската инвазија врз Украина.
Со свечено подигнување на знамето од страна на министерот, Амбасадата почна со извршување на своите редовни активности.
„Ова не е само симболична порака, туку суштински израз на пријателство и солидарност кон украинскиот народ и држава“, изјави Османи.
Министерот на средбата со својот хомолог Дмитро Кулеба информира и за одлуката на Владата, која беше донесена во пресрет на посетата, со која се обезбедува итна финансиска помош за Украина во износ од 100 илјади евра.