Соединетите Американски Држави и Министерството за одбрана на Северна Македонија работат интензивно на институционални реформи. Веста од нововоспоставениот стратегиски дијалог, грантот од 40 милиони долари од САД за модернизација на Армијата и за борба со хибридните закани, е уште еден силен импулс за соработката во одбраната – се согласија во заедничкото интервју за „Гласот на Америка“ министерката за одбрана Славјанка Петровска и заменик помошничката на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер.
Резултатот од оваа соработка создава клима во која нема простор за корупцијата – порача Купер.
„Работата што ја правиме со Северна Македонија на институционалните реформи во Министерството за одбрана и вооружените сили, ја гледам како фундаментална за да се обезбеди клима во која корупцијата не може да напредува“, рече Купер.
Соработката меѓу Северна Македонија и САД на полето на реформите и модернизацијата на Армијата продолжува со уште позасилено темпо, а Петровска и Купер најавија нови заеднички вежби и соработка на полето на образованието и воената обука – јави „Гласот на Америка“.