Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори, Фатмир Битиќи и сопственикот на компанијата „Орикон Адвансед Технолоџис“, Маркус Александер Марио Туч, денеска потпишаа договор за државна помош за реализација на проект за индустриско истражување во областа на обновлива енергија, со кој се предвидуваат инвестиции од најмалку 4,9 милиони евра и минимум 72 работни места во Велес. Проектот за индустриско истражување ќе се реализира во периодот од 17 ноември 2021 до 17 ноември 2026 година.
Вицепремиерот Битиќи соопшти дека потпишувањето на овој договор со германската компанија „Орикон Адвансед Технолоџис“, е од големо значење за Република Северна Македонија затоа што станува збор за капитално интензивна инвестиција со која ќе бидат ангажирани високо квалитетни кадри.
– Индустриското истражување ќе биде насочено кон здобивање на нови знаења и вештини во врска со значително унапредување на постоечките производи и обезбедување основа за создавање на високо-компетитивни и безбедни производи. Резултатите од истражувањето ќе бидат споделени со македонската научна заедница и индустрија. Како резултат на тоа, истражувањето ќе придонесе за позитивен ефект за нашата држава и ќе претставува основ за понатамошни дополнителни истражувања, развој и иновации, се вели во денешното соопштение од владината Прес-служба.
Сопственикот на компанијата „Орикон Адвансед Технолоџис“, Марио Туч е присутен во земјава од 2016 година преку компанијата „Лутекс“, која функционира во делот на текстилната индустрија. Во моментот компанијата има околу 100 вработени.
Државната помош, се нагласува во соопштението, се доделува согласно Законот за контрола на државната помош.