пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Синоќа го слушнав Мицкоски на Канал 5 во емисијата „Само интервју“, и да бидам повторно искрен: се вознемирив. Не од работите кои ги кажа, туку на начинот што ги кажува. Односно ме вознемирија „знаците околу нас кои мора да се тумачат“, што би рекол Роланд Барт. Не ме вознемири за тоа што во оваа земја ќе се случува во иднина, туку ме вознемирува тоа што се случи во не така далечното минато. Тоа што се случуваше од 2008 година до 2017 година, длабоко ја обележа нашата генерација, а и не само нашата, туку ги обележа и сите луѓе во оваа држава.
Толку многу не обележа „груевизмот“ и целата таа атмосфера, што денес, кога го слушаме Мицкоски, не сфаќаме што е тоа фундаментално погрешно во неговото зборување. И неговото зборување е всушност закана за нашата заедница која од 2017 година наваму, претставува релативно култивиран простор на слобода, еднаквост и заедништво во нашата различност. И можам слободно да кажам: нашите идеали денес се под огромна закана.
Кога ќе помислам колку се направи, колку се вложи и инвестираше во мирот, пријателството и обидот за соработка, не само дома, туку и меѓу соседите, не може човек да не си го врати филмот и само за момент да се присети што, практично „до вчера“, се случуваше во оваа земја.
Скопје, а и Македонија, под Груевски и ВМРО, стана глобално и урбанистичко-естетско-политичко „фрик шоу“, ултра-квазинационалистички фантазам на еден луд шеширџија, луна-парк за „идентитетски“ горделиви идиоти. Оние кои ја гласаа таа тиранија, оние кои го гласаа тоа десетгодишно лудило, денес повторно сакаат државата да ја вратат на „фабричко подесување“.
Некои други луѓе оваа земја ја упристоија, некои други луѓе го решија тридеценискиот спор, некои други луѓе оваа земја ја интегрираа во НАТО, некои други луѓе се обидуваат да и го одблокираат ветотот од Бугарите за, само како би се зачлениле во Европската унија, а со тоа и си го оствариле идеалот на нашиот долгоочекуван национално-државен интерес; попатно, некои други луѓе оваа земја ја ставија на мапата на светот со признат јазик, со признат колективен (и личен) идентитет, со јасни граници и вредносна компонента „кон Запад“.
А сега, да се вратиме на меѓусебните разлики. Што ВМРО и донесе на оваа земја последниве триесетина години? Ништо посебно, само срам, изолација и закани. Како со домашните, така и со оние „странските“. Или со други зборови: владеење со страв, манипулација и притисоци.
Мицкоски во интервјуто вели отприлика, „земјата е во катастрофална состојба, ништо не чини, сè е прав и пепел“. Тоа не го аргументира, само го констатира. Што значи игра на базичните стравови на луѓето. Не знам колку луѓе ја слушнале Масловјевата хиерархија на потреби, во која постојат пет нивоа на потреби.
Нашите први, најбазични потреби се да останеме живи и здрави – да имаме каде да спиеме, да имаме за јадење, да се облечеме, што значи, базично преживување. Кога овие потреби ќе ги оствариме, следното ниво е да се чувствуваме сигурно и да не бидеме загрозени. Потоа, кога ќе го оствариме тоа чувство на сигурност, сакаме да бидеме поврзани со другите, да имаме личност која нè љуби, да имаме блиски пријатели и во таквиот близок однос да добиваме и задоволства на нашата човечка, психолошка потреба. Кога и тоа ќе го задоволиме, четврто ниво е да бидеме почитувани, односно, нашата личност или нашата позиција во заедницата биде на начин што и другите луѓе ќе нè почитуваат.
Некој може да каже, остави сега блискост или љубов, дај само да бидам сигурен. Ете, гледате, со опозицијата на Мицкоски не можете да бидете сигурни ниту во сопствената сигурност. Утре, ден сабота, ќе ги вади своите само како би имал параван во иднина повторно да кочи. Сите знаеме дека доаѓа страшна зима, енергенсите се во криза, цените се во огромен пораст. Што значи, нашата базична сигурност за преживување е доведена под прашањe, ама Мицкоски не го интересира тоа. Неговата кариера е пред било кој или било чиј страв на обичен наш граѓанин. Нему му се важни само предвремени парламентарни избори, нему, а не нас, тоа е клучна разлика, важно му е да биде премиер.
Мицкоски прво сака да ја зацврсти својата власт во Белата палата, потоа од конфискувана, лично да си ја присвои; потоа да ги ослободи сите „патриоти“ кои тепаа и толчеа во Собраниете од 2017 година, и тој „вовед во Аушвиц“, денес да го капитализира со предвремени парламентарни избори.
На мислење сум дека Ковачевски со своите коалициони партнери на Мицкоски не смее да му приушти предвремени парламентарни избори, барем да истрае до 2024 година, како што налага и самата парламентарна демократија и нејзиниот циклус од четири години. Во спротивно, му се дозволи ли парламентарни избори, не треба човек да биде мистик или пророк, само елементарна човечка памет: ќе настане тежок хаос во земјата.
Апелирам СДСМ да си ја поврати надежта меѓу членството и симпатизерите, а за ВМРО знаеме: тие секогаш ја менуваат реалноста, вклучилено и јавните простори. Нема потреба да ве потсетувам на Скопје 2014 година; тие, драги мои, ја менуваат реалноста, да, тие, кои немаат храброст и стратешка памет, само страв и закани како главна платформа за водење на „јавните работи“.
Ќе им дозволиме предвремени парламентарни избори или сепак нема? Ајде и тоа да го видиме. За почеток, од мене апел: никако предвремени параламентарни избори, да не биде после никој не ни рече, а можеше.
Личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.