Привршува денот и да не прочитав кој сè си зема заслуга за големата дипломатска заедничка победа со Преспанскиот договор, за малку ќе си ја заборавев сопствената улога, напиша на Фејбук, Никола Димитров, македонски дипломат и поранешен министер за надворешни работи.
„Убаво што се гордеете со Преспа, ама уште подобро би било да ја разберете нејзината суштина – Договор со отстапки од двете страни, Договор каде за македонскиот јазик нема ниту објаснувања ниту Декларации, Договор со којшто си ја затвораме личната карта во ООН како Македонци и со кој станавме полноправна членка на НАТО во бурни геополитички времиња.
Ако ги следите последните недели лажните наративи и напади врз Преспа токму во ООН станува појасно и кому тоа му пречеше и му пречи затворањето на проблемот со Грција со зачуван македонски јазик – факт што “повампири” многу сили на исток, поблиску и подалеку.
Допрва ќе се гледа значењето што овој Документ го има не само за градењето на вистинско добрососедство во зовриениот Балкан, туку токму за зачувување на македонскиот идентитет“, напиша Димитров на Фејбук.




