Денеска, заедно со заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија, Н. Е. Ото Граф и Постојаниот претставник на УНДП во нашата земја, Армен Григорјан, одржавме заедничка прес-конференција, со цел потенцирање на заложбите на Република Северна Македонија за целосен придонес во имплементацијата на Патоказот за одржливо решение за нелегално поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција за истото во Западен Балкан, каде МВР беше вклучено во реализација на проектот за подобрување на националните практики за мало и лесно оружје и градење на отпорни заедници, напиша Спасовски на Фејсбук.
– Двете компоненти на проектот овозможуваат дигитализација на работните процеси и на начинот за евидентирање и следење на оружјето. Со развојот на двата информациски системи, Системот за регистрација и следење на оружјето за цивилен пазар и Полицискиот информациски систем, МВР покажа целосна посветеност во делот на развојот на современите алатки за полициско работење кои значително ќе го подобрат процесот на размена на информации.
Би сакал во оваа прилика да се заблагодарам и да ја потенцирам посветеноста во работата на тимовите од МВР и Канцеларијата на УНДП кои согласно утврдените цели ги испорачаа и потребните резултати. Како резултат на посветеното работење, денеска можеме да зборуваме за двата информациски системи кои се пуштени во продукција и етапно се спроведува процесот на обука на работните места за полицискиот информациски систем и внесот на податоците во системот за регистрација на оружјето, стои во објавата.