пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Не знам колку нашето граѓанство знае – во рурални краеви се измислуваат непријатели (модерно наречени „предавници“) за да се одржи културата на насилство, односно, да се самоодржат во тешки услови; до вчера ни беа виновни Грците, потоа беа „соросоидите“ и „комуњарите“, а денес ни се Бугарите и повторно „клетите“ комуњари.
А измеѓу што има, море, Јовановиќ? Има „патриотски интелектуалци“ со „демократски“ предзнак, кои гледајќи го „Протоколот“ ги стрефило тахикардија; се вознемирила нашата памет, онаа „интелектуална“, па го поврзале „Протоколот“ со албанецот Бујар Османи, и вака си рекле: „како е возможно, о, Света Маријо, некој Албанец да потпишува за нас Македонците“?
Добро, пред да продолжиме со рационализација на романтичарските тртлања од празниот стомак (немерно не велам „дух“), да потсетиме дека Алабанецот се вика Бујар Османи кој сите ние го знаеме и човекот не е од вчера. Второ, за мене Османи е ужасно пристоен човек, Албанец и министер за надворешни работи во Владата на Ковачевски. И кога, тој, нели, Албанецот, потпишува некаков документ, тој го потпишува од име на Владата, не потпишува дека така му се „ќефнало“. Значи може Бујар Османи да биде и Еским, а најважно за мене е дали тој човек е на ниво на задачата пред сè.
Но, знаете како, се нагледав луѓе од „граѓанскиот сектор“ (зошто сектор, сине, зарем не требаше да бидеме општество?) со титули пред своите имиња и презимиња за, кога ќе наближи тоа фамозно невреме (откако сум роден и „политички“ дишам, тука секогаш е некое невреме), веднаш ги гледате тие „јуродиви“ типови како латентни националисти.
Имено, ајде да се обидеме да ја објасниме нивната „извеана“ суштина, така што ќе се обидеме да објасниме што храбрите Османи и Маричиќ работат: без загради, без фуснотирања, без останати „документски“ џиџа-биџи.
Целиот Балкан е една поделена средина, тоа треба да го знаат „интелектуалците“ со предзнак „тахикардија“. Градовите, на пример, се еклатантен пример на тоа. Дури и животот во ист град значи дека вие не преминувате од една до друга територија на градот, иако поминаа повеќе од дваесет години кога се случуваа грозните деведесети години. Од друга страна имаме интернет, имаме социјални медиуми, имаме паметни телефони, имаме комуникација – сè е хипер поврзано освен нас, освен луѓето како такви. Можете да сретнете луѓе од дваесет и нешто години кои никогаш не биле во Гостивар, Тетово, Белград, Приштина, Загреб, Сараево, Софија, Бањалука…
Сакам да ви кажам, времето на војни е тука околу нас од три причини: прво, затоа што ништо не се прави за систематски тие предрасуди кои војните во деведесетите ги направија да се елеминираат (фала и на нашата Влада што тоа го правеше и сè уште го прави!); второ, непрекинато се зборува за туѓата вина, а себе се претставува за жртва, па оттука, целиот наратив во медиумите е националистички. И трето, националистичкиот наратив секогаш бара непријател, непријателот е секогаш близу.
Калева Кеконен велеше: „Паметните народи имаат пријатели близу, а непријатели далеку“. Во нашиот контекст, што е малку смешно, непријателите се близу, а пријателите далеку. Така беше додека владееше Груевски. Денес, гледаме, барем што се однесува до нашиот случај, Северна Македонија постапува умно: пријателите ги создава блиску. Така беше со договорот од Преспа, така е со Отворениот Балкан, така е со договорот за добрососедство и пријателство со Бугарите. И последниот наратив кој е најопасен: сите подривачи на договор со Бугарите, барем оној нивен „најдоминатен“ дел, се еден вид „актери на војна“. И тие немаат никаков интерес „за војната“ да се зборува поинаку, почовечки и пријателски, а кога велам „за војната“, мислам на минатото, туку напротив, тие ја цементираат таа слика од минатото за „соседот како непријател“, само за да можат себе да се бранат и својата политичка позиција од тоа време.
И оваа Влада на Ковачевски прави тоа да се промени. За ова што погоре го аргументирам, убеден сум дека голем дел од нашата политичка и интелектуална „челад“ (или можеби „телад“?) егзистира на тоа албанците да се направат „вековни непријатели на македонскиот народ“, а после Албанците доѓаат Бугарите… Ваквата реторика им дава легитмитет на сите националисти (без разлика леви или десни) дека тие нас нè бранат од „историските непријатели“.
Сега, логички, се поставува прашањето: дали ние соседите ги гледаме како соседи или непријатели?
На соседите може секогаш двојно да гледате: може да ги гледате како непријатели, а може да ги гледате како пријатели. Најважно е која позиција ќе ја одберете. Ама тоа е нездрава позиција. Од тоа дали Бугарите ќе бидат наши пријатели или непријатели зависи од тоа како ќе се постават политичките елити. Ете, нашата политичка елита одлучи дека ние соседите ќе ги гледаме како пријатели. Така беше со Грците, така е дома со Албанците, така ќе биде и со Бугарите. И тоа е здрава позиција.
Ковачевски, Османи и Маричиќ соседите ги гледаат како пријатели.
Денес Грците не ни се во фокус, па не ни се повеќе непријатели, оти, нели, го решивме тој спор. Денес го решаваме спорот со Бугарите. Значи, поената е следна: фигурите на непријателствата се менливи, ако се менливи, ако се привремени, тоа значи дека се арбитрарни. Така што, вие имате непријатели ако сакате да имате непријатели, а ако сакате да имате соседи и тие вас, тогаш ќе имате соседи.
Наша одговорност е да работиме тие жилави предрасуди едни кон други да ги намалиме. Да престанеме да војуваме со самите себе, оти така сме во војна со сите останати. Војната не е наша природна состојба. Бугарите не смеат да ни служат за изговор за неодговорна политика. Ние мораме, тоа е наша обврска, да бидеме во мир со сите соседи. Тоа е основниот предуслов за влез во Европската Унија.
Да бидеме мудри, почитувани, да ги чуваме нашите пријатели близу.