пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Линчувачка толпа не прави разлика помеѓу говор на омраза и дозволено слободно изразување, кое, нели, може да опфати и доза на претерување и провокација. Понекогаш, дури, може да предизвика и гадење, притоа, во текстовите никогаш не се занимавам со луѓе, туку се занимавам со феномени. А каде ќе најдеш поголеми феномени од луѓето како такви?
Линчувачка толпа не разбира дека колумна (читај, столб/рубрика за личен и авторски текст) е место за полемика, место за соочување. Ако колумната не предизвикува полемика, ако авторскиот текст не комуницира со другите луѓе откако ќе се објави, на авторот не му преостанува ништо друго освен да ги закачи копачките на закачалка и се обиде во друга професија.
Затоа и не секој може да зборува во јавност, затоа и луѓето пред микрофони и камери пелтечат: „дечко, кај ме најде, не сум ја од тука“; или „бегај, бегај, немам време“, или „не знам што да ви кажам“, а има и такви луѓе кои пред камера и микрофон можат да ви го „свирнат“ воведниот „риф“ на Џими Пејџ со песната „Whole Lotta Love“.
Линчувачка топла нема појма кој е Орвел и што тој чичко пишувал, ама се промени малкуцка контекстот, па ете, сите денес сакаат да имаат мислење за тој фикционален тип со тоа негово фамозно име и презиме „Ненад Јовановиќ“. Прво, согласен е и авторот, тоа презиме звучи сомнително, па дури и тоа име; ако го повикаме на име „Ненад“, и тоа е сомнително, ќе излезе дека сме блиски, интимни со него, ќе се почувствува некаква епистоларност; а од друга страна, не е само тој Ненад, има многу „ненадовци“; ако, на пример, го повикаме само „Јовановиќ“, тоа има некоја сомнителна дистанца, ама сепак, не знаеме за кого зборуваме бидејќи ги има еден куп со тоа презиме. Е, ако го напишеме целото име и презиме, па на тоа додадеме: лижач, пушач, „чоколадни бакнежи“, „неџо“, „предавник“, „шпиун“, „некој кој не е наш“ и слични квалификации кои не „радуваат за туѓата неволја“, тогаш веднаш знаеме за кого станува збор.
Интернетот ги доведува луѓето во бескраен карневал: сите носат маски, сите се заштитени со маски, на секој можете сè да му речете, а тоа да нe се одрази на неговиот социјален статус, односно тоа да не предизвика проблем со неговите социјални контакти. Што не е случај со луѓето кои излегуваат со цело име и презиме, а притоа зборуваат јасно и гласно. Односно зборуваат онака како што знаат и умеат. А тоа, драги мои, чини. Чини сè во животот, ама заради тоа, анонимната линчувачка толпа нема појма. И навечер мирно спие откако претходно повратила на нечиј авторски текст со конкретно име и презиме.
Оти, знаете и сами, луѓето сешто пишуваат. Го сакаат луѓето тоа, и откако има свет и век: ако не знаеш кој што ти рекол, многумина гадости ќе ти кажат. Сите стално носат маски и зборуваат сè: заштитени со маска, ќе те исплукаат и навредат, а таквото поведение нив нема ништо да ги чини, ниту ќе си наштетат на својот социјален статус. Понекогаш некој јавно ќе го жигосаат, на некому ќе му ја извадат маската и таквиот ќе биде јавно понижен. Што би значело уште и јавно запалување на срамната личност, чин кој на крајот завршува во карневал. А знаеме, интернет-карневалот никогаш не завршува.
Во западните цивилизирани земји, таквиот говор не се толерира, од проста причина што не е дел од јавниот интерес. Ете, ние денес не гледаме ништо лошо во јавното палење на луѓето, а богами ниту некој се обидува овие работи да ги регулира. Овде мутаво ти велат, небаре имаат објаснување: брате, тоа е јавниот живот, ти си како јавно автобуско ве-це, секој може да те ислука, да ти поврати…
Во есејот „Идентитет без личност“, Георгио Агамбен дава краток историјат на развојот и примената на атропометарските техники. Во втората половина од 19 век, европските општества, не потсетува Агамбен, беа опседнати со фигурата „рецидивен престапник“, оној кој повеќе од еднаш го прекршил законот. Таквата личност пожелно е да се идентификува.
Малиот чиновник во париската префектура по име Алфонсо Бертилон во седумдесетите години од 19. век развива систем на идентификација на престапници засновани на атропометриски податоци и сигналетичка фотографија. Таквиот систем, под името „bertillonage“, набрзо ќе го прифатат многу држави од целиот свет. „Сите кои од некоја причина биле притворени или затворени, веднаш се ставени да им се измери скелетот, прстите, ушите и лицата. Потоа се фотографирани „en face“ и од профилите, откако двете фотографии се лепат на „Бертилиониот картон“, картон кој ги содржи сите потребни податоци за идентификација…“, пишува Агамбен.
Недолго потоа, Дарвиновиот роднина со име Франсис Галтон, пронајде начин луѓето да ги идентификува со помош на отисоци на прсти. Чекор по чекор, од отисоци на прсти стигнавме до биометриски пасоши и лични карти. Таквите работи денес ни го олеснуваат патувањето и ни овозможуваат парични трансакции.
Вистинскиот проблем со интернет-анонимноста не е, имено, говорот на омраза, туку фактот дека луѓето се обидуваат да креираат свои маски, се обидуваат да го стимулираат општествениот живот така што ќе креираат маска со која никој нема да ги види. Се обидуваат да заборават дека постои некој кој гледа сè што тие прават.