Во периодот од 2017 до јули 2022 година, со целосната или делумната реконструкција на 75 објекти на МВР ширум државата, спроведени се мерки за зголемување на енергетската ефикасност во 46 објекти, за чија имплементација од буџетот на МВР инвестирани се 458.330.439 денари.
Стариот начин на загревање е заменет со нов и поекономичен во 23 од реконструираните објекти, за што беа инвестирани 18.924.237 денари. Од нив, најголемиот дел го променија затоплувањето со дрва во затоплување со електричен котел, електрични ВРФ – системи, со инсталирање на топлински пумпи, информираа денеска од Министерството за внатрешни работи.
Во објектите, објавуваат од МВР, се употребени енергетско ефикасни материјали, односно термоизолациски фасади и замена на старата дограма со нови ПВЦ или алуминиумски прозорци.
Во 2020 година во Полицискиот центар Ѓорче Петров, кој е база на Единицата за брзо распоредување, преку инсталација на соларни колектори за добивање на топла вода е направено искористување на обновливите извори на енергија со инвестицијата вредна 3.498.700 денари.
Од МВР најавуваат дека до крајот на годинава е планирана и финализација на реконструкциите во ОВР Делчево, ЕВР Гази Баба и ОВР Свети Николе, а годинава ќе отпочнат и активностите за реновирање на Полициската академија во Идризово, управните служби во Македонската телевизија, како и изградба на новиот објект на ПС ОН Аеродром.
Во тек е и поставување на соларни панели за 15 објекти на МВР.
Континуирано се следат потребите и можностите за наоѓање на нови решенија кои ќе придонесат до рационално користење на електричната енергија и енергенсите за активно вклучување во намалување на потребите во време на потенцијалната енергетска криза, велат од МВР.