Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Пред триесетина години прв пат побарав да се изврши увид во болеста што беснее во македонската политика.
Нудејќи ги за анализа сериозните симптоми што ги манифестираа луѓето од вмро-дпмне.
За почеток.
Барањето потоа го повторував милион пати.
Ништо.
Во меѓувреме, болеста стана дефиниција на целото општество.
Неврозата е сериозна болест.
Болните луѓе во допир со општото добро можат да бидат смртоносни.
Сеедно дали се во власта или се во опозиција.
Меѓу другото, и преку моќта болеста да ја шират врз целото општество.
Или врз доволно голем дел од заедницата.
Гледајќи ја оваа хистерија што се крена прво во врска со рамката, па со протоколот, па, еве сега, со препораката, повторно почувствував потреба да ја консултираме науката.
Сепак.
Со оглед на тоа дека македонската медицина не сака или не може, можеби затоа што и самата е изместена и сега е во улогата на пациент, не знам, решив да се повикам на двајца светски авторитети: Адолф Адлер и Густав Јунг.
И двајцата се ученици на Фројд, но во своите велелепни кариери се претворија во деконструктори на некои основни теории и постулати на својот учител.
А и Фројд, можеби, може да помогне.
Одиме по ред:
Зошто невротичарот секогаш тежнее да биде човек и зошто секогаш се труди да ја докаже својата супериорност. Од каде му доаѓа таа силна потреба да претерува со своето чувство на личноста. Она што ја прави појдовната точка за развој на една невроза, тоа е чувството на несигурност и инфериорност, чувства кои раѓаат неодолива желба да се најде една цел која е способна да го направи животот поднослив, така што ќе му обезбеди еден правец и ќе стане извор на спокојство и безбедност.
Ова е извештајот од првата сеанса на виртуелниот вморон на каучот кај Адлер.
Треба ли да се каже дека таа цел која може да го направи животот поднослив, спокоен и безбеден, за вморонот и за македонскиот патриот од класичен калибар е македонска Македонија на Македонците.
Дека тоа е имагинарната градба во која нашиот невротичар ги проектира своите надежи.
И дека и првата и последната психоаналитичка резонанца на пациентот денеска е дијагноза на поголем дел од општеството.
Ова што следи се однесува на вмро исто колку што се однесува на Македонија.
На болниот дел од Македонија.
Одиме со Адлер од 1948 година:
Една личност која така интензивно бара да претера со чувството на својата личност, нема така лесно да се потчини на рамката и барањата на општествениот живот, дури независно од овие или оние нервни симптоми, привидно безначајни и едноставни. Невротичарот е толку опседнат и совладан со свеста за својата слаба точка, што тој несвесно ги употребува сите свои сили за да изгради идеална и имагинарна надградба од која очекува помош и заштита. И колку повеќе ѝ се предава на оваа работа, неговиот сензибилитет се изострува и префинува, тој стигнува да ги сфати односите кои другите луѓе не можат да ги сфатат, просто им бегаат, тој претерува во своите мерки на претпазливост, тој стекнува навика да ги согледува сите можни последици, дури и пред да започне некој акт или пред да претрпи некоја непријатност. Се труди да гледа подалеку од другите, станува ситничав, незаситен, претерано штедлив, бара да се рашират далеку во просторот и времето границите на неговото влијание и на неговите моќи. А сето тоа прави тој да ја губи објективноста, рамнодушноста и душевното спокојство, единствени работи кои даваат душевно здравје и нормална активност. Тој станува сѐ повеќе недоверлив. Спрема самиот себе и спрема другите, неговите чувства на завист, пакост, како и неговите агресивни и свирепи склоности, добиваат превласт, оти, дозволувајќи слободно изразување на сите овие лоши чувства и склоности, тој верува дека може да обезбеди извесна супериорност спрема својата околина. Или, пак, тој бара да ги приврзе и здобие другите, манифестирајќи претерана послушност со симулирање на потчинетост и понизност, кои често се претвораат во вистински мазохизам. Но и двата реда манифестации, како оние што произлегуваат од претераната активност така и оние кои доаѓаат од афектираната пасивност, претставуваат проста извештаченост која му е наметната од неговата фиктивна цел: неговата волја за моќ и неговата желба да биде „над“ другите, да ја афирмира својата машкост.
Јунг го дополнува со следниот став: Адлер сфаќа дека личноста која се чувствува инфериорно и смалена, бара за себе да обезбеди илузорна супериорност со „протести и подесувања“ како и со други слични вештини. Тоа се средства кои тој рамнодушно ги употребува спрема своите родители, своите воспитувачи, своите претпоставени, спрема властите на кои им се обраќа кога се наоѓа во тешка ситуација или кога треба да се „прилагоди“ на институциите – накратко кога се наоѓа пред некаква пречка. И самата сексуалност се наоѓа во бројот на овие употребливи вештачки средства. Овие сфаќања се потпираат на исклучителното истакнување на својата личност додека вистинскиот карактер и значење на објектот останува целосно во сенка. Тој доаѓа предвид само како носител на можните насилнички тежненија.
Да тргнеме од крајот односно од Јунговата интерпретација на Адлер: во македонската драма што ја креираат тешки невротичари битни се субјектите, односно болните, додека предметот на нивното интересирање, објектот, односно, во случајов, идентитетот, односно македонскиот народ, се или во длабока сенка или се само и исклучиво извор и покритие на насилничките тежненија.
Фројд би рекол поинаку, дека не е субјектот тој што се проектира себе си во објектот туку дека објектот го формира субјектот односно дека проблемот на идентитетот го формира Македонецот, а не обратно.
Не сум сигурен кој е во право, макар што моите симпатии се на страната на Адлер, затоа што во македонскиот случај има премногу елементи на поза во која Македонецот верува како во вистина, тој не е реално загрижен за идентитетот, туку глуми загриженост затоа што мисли дека така ќе ги исполни очекувањата на средината од себе. Тој е преварант кој успеал да се измами самиот себе.
Сите моменти од горната симптоматологија на Адлер се присутни на секој чекор безмалку кај секој човек во болното општество. Одбивање да се потчинат на рамката и барањата на општествениот живот. Завист, злоба, пакост, суровост, рамнодушност кон последиците, сеење на страв од последиците уште пред да почне некој акт (што сѐ ќе ни направат Бугарите во текот на преговорите кои уште не почнале), проекција на себе и на своите моќи како безалтернативни, тежнение да се исполни политичкиот простор без остаток, загубена објективност, одлепеност од реалноста, смртоносна опасност во допирот со општото добро. За општото добро, не за пациентот.
Дали сте забележале дека нон-стоп живееме во вонредна состојба?
Што од нормални или приближно нормални околности, ја произведуваат вмро-дпмне и радиоактивните медиуми.
Предавниците ни се во секој момент на менито.
Предавниците, националните интереси, идентитетот, јазикот.
Не велам дека нема сили кои не ѝ сакаат добро на Македонија, но внатрешните проекции се просто нестварни, неверојатни и смртоносни.
Македонија мора да најде начин да се ослободи од овој наметнат дискурс во кој нон стоп ги брка глуварчињата уверена дека се тоа авиони на непријателската авијација.
Така што, тоа е, драги мои.
Имаме работа со болни луѓе и со болно општество.
Вчера Грција излезе од тринаесетгодишниот мониторинг и режим на Европската унија во врска со финансиската криза од 2009. Денеска е здрава држава, поставена на здрави темели, со убави изгледи. Грција е излечена. Испраќаме срдечни честитки до премиерот Мицотакис и до грчкиот народ. Во тој, ајде да го наречеме санаториум на Европа, може да биде излечена и Македонија, макар што нејзината болест е од друг тип. Но, нема друг лек.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.