Високата претставничка на ОН во Украина Дениз Браун истакна дека е шокирана од вчерашните воени напади во кои загинаа деца и други цивили во Чаплин во централна Украина и ги повика сите страни да го почитуваат меѓународното право, пренесува МИА.
Навистина сум шокирана од нападите во кои вчера загинаа и се повредени цивили во близина на железничката станица во Чаплин. Деца беа убиени во овој напад и тие загинаа на места каде што очекуваа да бидат безбедни, во нивните домови или патувајќи со своите семејства. Да, требаше да бидат безбедни, а не беа, нагласи Браун.
Во име на Обединетите нации и хуманитарната заедница во Украина, таа упати најискрено сочувство до оние кои ги загубија своите најблиски, а на повредените им посака брзо закрепнување.
Бројот на загинати во ракетниот напад на Русија на железничката станица Чаплин во регионот Дњепропетровск се искачи на 22, меѓу кои и едно 11-годишно момче.
„Чаплин нè повредува денеска. Дваесет и две лица загинаа, од кои пет изгореа во автомобил. Загина 11-годишен тинејџер, руска ракета му ја уништи куќата“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето видео обраќање на 24 август.
Тој нагласи: „Дефинитивно ќе бараме одговорност од окупаторите за се што направија. И дефинитивно ќе ги исфрлиме освојувачите од нашата земја. Ниту една дамка од ова зло нема да остане во нашата слободна Украина“.