Вицепремиерката на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска одржа состанок преку конференциска врска со директорката на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Десислава Готскова, соопшти владината прес-служба.
На состанокот било разговарано за унапредување на соработката во делот на антикорупциските политики на регионално ниво. Во таа насока Грковска нагласи дека при зајакнување на регионалниот пристап во реализација на мерките и активностите за спречување на корупцијата и судирот на интереси, посебен акцент треба да се стави на родовите аспекти на корупција.
Зборувајќи за родовата еднаквост и корупцијата, Готскова ја истакна важноста од вмрежување на земјите, преку вклучување на родовата еднаквост во процесот на креирање на јавните политики.
На состанокот е договорено во иднина да се зајакне соработката на земјите од регионот преку Регионалната антикорупциска иницијатива, која останува отворена за поддршка и натамошна соработка, во полза на заедничките цели и приоритети, се наведува во соопштението.