Претседателот Стево Пендаровски со сопругата ќе присуствуваат на државниот погреб на Кралицата Елизабета Втора во Лондон, соопшти денеска кабинетот на претседателот Пендаровски.
Голем број шефови на држави и влади од целиот свет, како и дел европски кралици и кралеви, се очекува да присуствуваат на државниот погреб на кралицата Елизабета Втора.
Како што беше соопштено официјално, присутни ќе бидат претседателите на Италија – Серџио Матарела, на Германија – Франк-Валтер Штајнмаер, на САД – Џо Бајден, а според Белата куќа, тој ќе пристигне заедно со сопругата Џил.
Погребот ќе се одржи на 19 септември (понеделник) во Лондон.
Кралицата Елизабета Втора почина на 96-годишна возраст на 8 септември. Таа беше монарх со најдолго владеење во британската историја и најстар шеф на држава во светот.





